1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Глад и насилство во заборавената земја

Овие денови центарот на јеменскиот главен град Сана беше боиште кога трупите верни на власта употребија тешко оружје против демонстрантите. Освен лошата политичка ситуација, во земјата е колабирано и стопанството.

default

Претседателот на Јемен Али Абдула Салех се’ уште престојува во Саудиска Арабија, откако беше повреден при демонстрации против него во јуни годинава. Јемен продолжува да запаѓа во политички и економски хаос.

Анете Бихс, експерт за Јемен од институтот Гига во Хамбург, смета дека зад последната ескалација на ситуацијата во Јемен стојат сили на режимот: „Салех секогаш се закануваше дека земјата ќе западне во граѓанска војна доколку тој не раководи. Со тоа сите изминати години го легитимираше своето владеење. Во реалноста се’ уште ги држи конците во своја рака. Моменталната ескалација на насилството може да се толкува како тактика, земјата се’ повеќе да запаѓа во ситуција слична на граѓанска војна.“

Додека членовите на кланот на Салех се борат за превласт, опзиционото движење ги засили своите активности на улиците на главниот град. Иако голем дел од трупите се’ уште се лојални на Салех, експертот за Јемен Бихс смета  дека дел од нив наскоро ќе се одвратат од пребегнатиот властодржец. „Сепак повеќе мислам дека во Јемен ќе дојде до насилна пресметка меѓу про и контра приврзаниците на Салех во војската, отколку сегашните лојални кон Салех да преминат кон опозицијата.“

NO FLASH Proteste in Jemen

Хуманитарната состојба се’ потешка

Последниот бран насилства во земјата најверојатно ја влоши и хуманитарната положба. Уште пред избивање на немирите во февруари годинава, Јемен беше најсиромашната земја во арапскиот свет. Земјата нема големи резерви од нафта, а три четврини од индустриските капацитети во меѓувреме прекинале со работа.

Хуманитарните организации предупредуваат дека гладот му се заканува на населението. Секој трет граѓанин на 22 милионскиот Јемен во моментов е погоден од глад, вели Ричард Станфорт, одговорен за Јемен од организацијата Оксфам. „Цената за водата во последните месеци се покачи седумкратно, ме информираа семејствата при мојата последна посета на земјата. Гас за готвење во многу делови на Јемен нема. Голем број луѓе ја загубија работата поради политичките немири. Животот за многумина стана пекол. Колабираше и распределбата на прехранбени производи во земјата. Ситуацијата е драматична.“

Но, наместо неопходната помош, од странство пристигнуваат се’ помлаку пари. Поради политичките немири и високата корупција во Јемен, Светската банка ја стопираше помошта за Јемен во висина од 542 милиони долари. На ФАО на ОН му недостасуваат 60 милиони долари, една третина од средствата планирани за програмите за помош за Јемен. Меѓународната заедница се чини го заборави Јемен, критикува Станфорт од организацијата Оксфам.

Една од земјите која во моментов помага е Саудиска Арабија. Соседот, година за година исплаќа милионски суми директна помош за племенските старешни во Јемен: „За жал голем дел од овие пари не стигнувата до сиромашното население, а добар дел од нив исчезнуваат на некои банкарски сметки во заливските држави или на друго место“, критикува Станфорт.   

Автор: Даниел Шешкевиц/ Александра Трајковска

Редактор: Борис Георгиевски