1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Глад и жед по земјотресот во Чиле

Два дена по разорувачкиот земјотрес што го погоди Чиле, во кој загинаа повеќе од седумстотини лица, расте стравот од нереди во погодениот регион. Армијата и полицијата се обидуваат повторно да воспостават контрола.

default

Ова е реалноста за многу семејства во Чиле

Сцени како од граѓанска војна - во Консепсион полицијата со солзавец и водени топови се обидуваше да ги растера жителите на градот, кои провалија во супермаркетите. Вчерашниот ден за илјадниците жители претставуваше уште еден кошмар. Во особено погодените региони многу продавници и аптеки беа затворени, а луѓето кои останаа без покрив над главата немаа ниту вода, ниту храна. „Ми се пие вода, нема никаде, а луѓето не сакаат ништо да ни дадат. Ни треба вода и леб, гладни сме. Имаме пари и дојдовме овде да ги натераме да ги отворат супермаркетите, барем на кратко, луѓето да можат да купат нешто. Имаме пари, ќе платиме, не сакаме да крадеме“, вели една жителка на Консепсион.

Повторно е потребна меѓународна помош

Erdbeben in Chile 2010 Flash-Galerie

Луѓето ќе сторат се` за да дојдат до леб и вода

По пљачкосувањата во повеќе супермаркети, претседателката на Чиле, Мишел Башлет, прогласи вонредна состојба во најпогодените градови Консепсион, Мауле и Биобио и испрати неколку илјади војници, кои треба да се грижат за воспоставување на јавниот ред. Градоначалничката на Консепсион побара итна помош за градот: „Двесте војници повеќе нема многу да помогнат, градот мора повторно да биде ставен под контрола. Луѓето овде се надеваат на помош од Сантијаго, која ни е потребна, бидејќи овде не може ништо да се купи, никаде нема ништо.“

Разурнати градови, уништени куќи, распукани улици, срушени мостови, насекаде луѓе, кои се обидуваат прибежиште да најдат под импровизирани шатори. Повеќе од седумстотини лица загинаа, а илјадници се повредени. Медицинската грижа исто така претставува проблем, затоа што и болниците се оштетени. Претседателката Башлет сега размислува и за барање меѓународна помош: „Во овие драматични часови уште еднаш сме сведоци на меѓународната поддршка. Вчера ние бевме оние, кои му помогнавме на Хаити, сега оваа солидарност ја чувствуваме на наша кожа“, истакна Бачелет.

Се` уште не се знае точниот размер на катастрофата

Erdbeben in Chile 2010 Flash-Galerie

Материјалната штета се проценува на околу 33 милијарди долари

Во меѓувреме, морнарицата призна дека целосно ја потценила сериозноста на ситуацијата. Додека во целиот пацифички регион, се` до Јапонија и Австралија, беше прогласена опасност од цунами, чилеанските власти издадоа единствено предупредување. Ова беше фатална грешка, крајбрежните места како Талкахуано и Лока, кои и онака беа тешко погодени од земјотресот, беа поплавени од бранови во висина од еден метар. Цели бродови и контејнери се најдоа дури на улиците на градовите, но за среќа жителите успејаа да се спасат. Голем број лица се` уште се водат како исчезнати, пристапот до многу делови од градовите е отсечен, снабдувањето со струја и вода се` уште не е целосно обновено.

Во секој случај, барем меѓународниот аеродром е повторно во функција. Во Сантијаго функционира и подземната железница, а училиштата ќе останат затворени до крајот на неделата. Првичните проценки говорат за еден и пол милион оштетени куќи и станови, два милиони лица без покрив над главата и вкупна материјална штета од 33 милијарди долари. Владата во Чиле соопшти дека точниот размер на катастрофата ќе биде познат кон средината на неделава.

Автор: Готфрид Штајн/Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска