1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Главната пречка за мир на Блискиот исток

Ширењето на еврејските населби на палестинските автономни подрачја и во окупираниот Источен Ерусалим се главната пречка за обновувањето на мировните преговори меѓу Израелците и Палестинците.

default

Контролна точка пред еврејска населба

Западниот брег на реката Јордан во меѓувреме го распарчуваат преку 120 еврејски колонии. Некои од нив како што се Маале Адумим, Беитар Илит или Хар Хомар се огромни. Згора на тоа бројни сообраќајници ги поврзуваат овие населби меѓусебно, како и со матичната држава - Израел. Така палестинските автономни подрачја се испресечени и расцепкани, а патувањето на Палестинците е многу отежнато со бројните контролни пунктови. На Западниот брег во меѓувреме живеат дури 460.000 еврејски доселеници.

Proteste gegen Siedlungsräumungen in Israel

На главната сообраќајница кон центарот на градот Хеброн има голем број возила. Но, како се оди поблиску до центарот, така има се’ помалку возила - исто како и луѓе. На крајот нема воопшто автомобили и камиони, туку има простор само за пешаци. По некое време и за нив станува тесно, а пешачките патеки се покриени со мрежи одозгора. Тие ги штитат палестинските трговци во Хеброн од ѓубриштето што на улица го исфрлаат еврејските доселеници од нивните станови. Овие овде се посебни доселници, појаснува Валид Абу Алхалавех од Центарот за рехабилитација во градот: „Овде во Хеброн живеат најрадикалните доселници. Имаме пријатели Израелци, кои ни велат дека порадо би сакале да имаат Палестинци за соседи, отколку овие доселеници. Тие овде доаѓаат од целиот свет и се политички најрадикални од сите...“

Постепено запоседнување

Во далечната 1979 година неколку Еврејки запоседнаа едeн објект во центарот на Хеброн. Од тогаш доаѓаат се’ повеќе доселеници, а денес ги има околу 400 во срцето на градот. Во населбата Киријат Арба, блиску до Хеброн, живеат уште 4.000. Нив ги штитат 1.500 израелски војници, меѓу другото и со поставување разни контролни пунктови и блокади на улиците, кои дополнително му го отежнуваат животот на локалното палестинско население. „Израелците изградија бројни препреки. По наредба на армијата беа затворени 500 помали дуќани на Палестинците, а подоцна самите се откажаа уште 1.100 сопственици, бидејќи на муштериите им беше премногу комплицирано да доаѓаат“, појаснува Алхалавех.

Зошто се доселуваат?

Palestina Bauzone

Палестинец работи во еврејската населба Беитар Илит

Секако дека не се сите еврејски доселеници на палестинските подрачја така радикални. Ари Гелман живее во населбата Ефрат, на 14 километри јужно од Ерусалим. Тој се дистанцира од насилството на доселениците во Хеброн. А на прашањето зошто воопшто дошол да живее на автономните подрачја на Палестинците, тој вели: зошто да не? Па и јас сум син на Палестина! „Татко ми дојде овде како еден од првите доселеници уште во 1920 година. Тој ја напушти неговата татковина во Бесарабија поради дискриминацијата на Евреите таму. Прво работеше овде една година, а потоа замина за САД, каде од порано живееше дел од роднините. Но, во неговиот пасош стои дека е Палестинец. Според тогашниот закон секој кој живеел овде подолго од една година е Палестинец. Така јас сум Американец, Израелец и Палестинец...“

Официјална и неофицијална експропријација

Еврејските доселеници имаат два главни начини на одземање на земјиштето од Палестинците. Првиот е кога израелските власти официјално ќе донесат одлука за натамошно населување на подрачја на Западниот брег и во Источен Ерусалим. А вториот се случува така што неколкумина доселеници ќе дојдат и едноставно ќе запоседнат едно парче земја, најчесто врв на некој рид. Таму поставуваат камп-приколка или на брзина градат некаква колиба, на што најчесто присуствуваат израелски војници - како заштита. Потоа од едната колиба се раѓа цела голема населба.

Автор: Керстен Книп/Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска