1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Главната награда на Берлиналето за „Положбата на детето“

Најдобриот филм на Берлинскиот филмски фестивал и добитник на Златната мечка е романскиот филм „Положбата на детето“. Две Сребрени мечки освои филмот од Босна и Херцеговина „Епизода во животот на берачот на железа“.

Главната награда на овогодинешното Берлинале е доделена на романскиот филм „Pozitia Copilului“ (Положба на детето). Во него се работи за современите проблеми во таа земја и класната поделеност во Романија. Во филмот доминантната мајка, која ја игра Луминита Георгиу, ја користи својата општествена положба за да го спаси синот од затвор.

Berlinale 2013 Preisträger Danis Tanovic Silberner Bär Großer Preis der Jury

Данис Тановиќ со Сребрената мечка за неговиот филм „Епизода во животот на берачот на железа“

Голем успех повторно доживеа и кинематографијата на Босна и Херцеговина. Назиф Мујиќ, кој го толкува главниот лик во филмот на Данис Тановиќ „Епизода во животот на берачот на железа“, ја доби наградата за наjдобар актер на овогодинешното Берлинале, а филмот, пак, ја доби Сребрената мечка.

„Се надевам дека некогаш ќе дојдам на Берлинале со малку повесела тема“, рече Тановиќ откако ја прими Сребрената мечка за својот филм кој ја тематизира тешката социјална положба на Ромите во Босна и Херцеговина. Филмот е реализиран за само 17.000 евра во продукциски куќи од БиХ, Словенија и Франција, а опишува вистински настан од крајот на 2011 година, кога на една жена во централна Босна и’ е одбиена лекарска помош затоа што нејзиното семејство не било здравствено осигурано. Во филмот погоденото ромско семејство се глуми самото себе.

Berlinale 2013 Preisträger Nazif Mujic Preis für den Besten Darsteller Silberner Bär

Назиф Мујиќ ја доби наградата за најдобар актер на Берлиналето

Награда и за филмот на Срѓан Голубовиќ

Филмот на српскиот режисер Срѓан Голубовиќ „Кругови“, во кој учествуваше и продукциската куќа Пропер филм од Загреб, е добитник на годинашнава награда на екуменското жири на 63-то Берлинале.

„Многу сум среќен што мојот филм ја доби оваа награда, посебно затоа што филмот е прикажан во една од споредните програми на Берлиналето. Мислам дека ова е добра работа за иднината на филмот“, рече Голубовиќ по веста за доделувањето на наградата.

Екуменското жири е составено од претставници на филмските организации на католичката и протестантска црква и доделува награда за филмските работници кои во своите филмови „ги покажуваат човечките и социјални вредности“. Филмот „Кругови“ е инспириран од случајот на Срѓан Алексиќ, Србин од Требиње кого го убиле неговите соборци затоа што се обидел да му помогне на својот сосед - муслиман.

Berlinale 2013 Preisträger Paulina Garcia Preis für die Beste Darstellerin Silberner Bär

Паулина Гарсија со својата награда за најдобра женска улога

Сребрената мечка на Берлиналето за најдобра режија ја доби американскиот режисер Дејвид Гордон Грин за филмот „Принцот Лавина“, а Сребрената мечка – награда Алфред Бауер за филм кој отвора нови перспективи отиде кај канадскиот режисер Денис Коут за филмот „Виц и Фло ја видоа мечката“.

Сребрената мечка за најдобра женска главна улога ја доби актерката Паулина Гарсија за филмот „Глорија“, а Сребрената мечка за најдобро сценарио ја доби Јафар Панаги за иранскиот филм „Навлечена завеса“. Пахани исто така е еден и од режисерите на овој филм.

Сребрената мечка за извонредно уметничко достигнување е доделена на снимателот Азиз Замбакијев за казакстанскиот филм „Поуки од хармонијата“.

63-то Берлинале официјално завршува денеска. Денешниот ден е резервиран за широката публика.