1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ги сака ли Египет странските фондации?

Денеска во Каиро падна пресудата во т.н. фондациски процес. Работниците на странските невладини организации се осудени за нелегален престој и трансфер на пари. Една од нив е фондацијата „Конрад Аденауер“.

По Арапската пролет во Египет некои луѓе и институции се во неволја. Меѓу нив се и 44 невладини организации, кои новата власт во земјата ги обвинува за мешање во внатрешните работи на Египет. Меѓу нив е и германската фондација „Конрад Аденауер“.

Во последните денови од 2011-та година, односно осум месеци по соборувањето на режимот на Мубарак, вооружени полициски единици извршија рација во службените простории на фондацијата во Каиро. Тие запленија документи и компјутер, а раководителот на канцеларијата Андреас Јакобс заврши во притвор, по што неколку часа беше испрашуван. Јакобс и негова колешка подоцна беа ослободени од притвор со кауција од 500.000 евра и можеа да отпатуваат од земјата.

Konrad-Adenauer-Stiftung in Kairo Ägypten

Канцеларијата на фондацијата „Конрад Аденауер“ беше претресена на крајот од 2011 година

Шефот на фондацијата „Конрад Аденауер“, поврзана со партијата ЦДУ, Ханс-Герт Петеринг како апсурдни ги оценува обвинувањата против неговата организација. Телевизијата АРД информираше дека тој, во интервју дадено во минатата недела, изјавил оти фондацијата во Египет работела „како што е вообичаено од пред 30 години“, како и дека никогаш претходно немало обвинувања против неа. Неговата организација спроведувала само „конференции и семинари“ на теми како што се „социјална пазарна економија, развој на демократијата и владеењето на правото, како и за родовата еднаквост“.

Револуционерните сили се уништуваат

Политикологот Ноха Ел Себаие, која работи за една египетска невладина организација, за Дојче веле изјави дека „воениот совет се обидува револуционерните сили дел по дел да ги уништи“. Нејзината организација „Ренесанса во Египет“ сака да ги инспирира младите луѓе на културен и социјален ангажман. Но, проектите пропаѓаат, а конференциите мораат да се откажат, бидејќи отпаѓа финансиската поддршка од странските невладини организации. Ноха Ел Себаие вели дека „странските невладини организации од секогаш беа поддршка на египетското цивилно општество“.

Правосудството во северноафриканската земја не ги обвинува само странските, туку и домашните невладини организации. Во моментов се водат повеќе стотици случаи против египетски невладини организации. Меѓу нив има бројни кои документирале прекршување на човековите права.

Andreas Jacobs Büroleiter der Konrad-Adenauer-Stiftung Kairo

Андреас Јакобс, раководителот на канцеларијата на „Конрад Аденауер“ во Каиро заврши во притвор

Египетското правосудство ги обвинува странските, а пред се’ американските невладини организации, дека работеле на дестабилизирање на внатрешниот мир во Египет за време на Арапската пролет. Аналитичарите сметаат дека обвинувањето кон странските организации доаѓа поради тоа што уплатата на парите не оди преку Министерството за меѓународна соработка. Во 2004-та година американските фондации започнаа паричната помош, наместо преку министерството, да ја уплаќаат директно на египетските невладини организации. На процесот може да се гледа како на лична одмазда на корумпиран политичар, во случајов министерката Фаиза Абу Нага.

Смирувачки тонови од претседателот

Во меѓувреме египетскиот претседател Мохамед Мурси имаше средба со претставници на египетските невладини организации, по што изјави:

„Мојот највисок приоритет во однос на цивилното општество е да ја поддржам неговата работа. Јас сум убеден дека успехот и развојот на Египет е на вистинскиот пат само со работата на невладините организации“.

Сепак, процесесот против германската фондација се одвиваше и досега беше четирипати одложуван. Тој заврши денеска со објавувањето на пресудата. Фондацијата „Конрад Аденауер“ сакаше наскоро повторно да ја отвори својата канцеларија во Каиро, но исходот од процесот ја спречува во таквата намера.