1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Гинтер Валраф: "Што ме тера да го правам тоа?”

Германскиот публицист стана познат во јавноста со репортажи во кои откри низа нерегуларности во германски претпријатија и институции. По 20 години затишје, тој се врати на сцена. Валраф деновиве беше гостин на Дојче Веле

default

Гинтер Валраф - од разговорот во Дојче Веле

“Кој сум јас, всушност? Од каква материја сум направен? Што ме мотивира, што влијае врз мене?” - прашања кои Гинтер Валраф си ги поставува на 64-годишна возраст и не наоѓа одговор, независно од богатото животно искуство. Пред 20 години беше на врвот. Тогаш беше репортер кој дејствува под лажен идентитет и разоткрива многу неправилности. Легендарни му се книгите со стории за германски фирми и институции погледнати одвнатре. Преведени се на повеќе од 30 јазици.

Но, улогите на гастарбајтерот Али во концернот Тисен, на ветерничавиот репортер од булеварскиот весник “Билд”, на курир на осигурителната компанија Герлинг, му создаваат непријатели. Валраф за тоа вели: “Никогаш не зборувам за непријатели, туку за противници. Чувството за омраза ми е туѓо. Не мразам никого”.

Во 2003-та година Валраф е на насловните страници на германскиот печат. На виделина излегуваат факти кои го разоткриваат како таен агент на некогашната источногерманска Служба за државна безбедност – Штази. Валраф, се разбира, негира дека некогаш соработувал под псевдоним Вагнер. Тој поведе вистинска битка со сите кои се обидуваат да го докажат обратното. Но, судот во Хамбург прво објави документи кои го разобличуваат Валраф како неофицијален соработник на Штази, а лани сепак изрече забрана да биде така означуван, оти тоа не е недвосмислено утврдено, а самиот тој тврди дека немал поим оти бил воден како соработник. Со тоа се смирија страстите.

Сега Гинтер Валраф, чие име дури се среќава во скандинавските речници како поим за истражувачко новинарство, пак се враќа со нова книга чие дејствие се случува во таканаречените кол-центри. Повторно како и порано, под лажен идентитет, се вработи во телефонска централа на една фирма за да ги разоткрие механизмите и измамите на приватните компании, во чии замки запаѓаат клиентите.

Но, во ценатрот на вниманието на германската јавност последниве денови не е толку книгата, колку една акција што публицистот ја води јавно. Тој предлага пред верниците во идната џамија во Келн да чита извадоци од романот “Сотонски стихови” на Салман Ружди. Романот, напишан во 1988-ма година, за муслиманите е богохулен, а исласмки фанатици се во потрага по авторот за да го убијат, оти му е изречена фатва – религиозна смртна пресуда.

Валраф предлага да ги чита “Стиховите” во предвечерието на втората средба за национална интеграција меѓу политички и религиозни лидери во Берлин. Идејата ќе буде разгледана со претставници на турскиот исламски сојуз во Германија Дитиб, според Валраф единствената исламска организација што се искажа против фатвата за писателот Салман Ружди. За исламскиот свет би бил особено важен факт ако најголемото турско здружение во Германија учествува во јавна дискусија за книгата и придонесе за нејзина детабуизација.

Има разни претпоставки околу вистинските мотиви на Гинтер Валраф за оваа иницијатива. Едни сметаат дека подзаборавениот новинар се обидува повторно да го привлече вниманието кон себе, а други мислат дека станува збор за пари. Самиот Валраф се прашува: “Има ли нешто како судбина? Предодредена ли е таа? Треба ли да ги исполнувам сите тие мисии? Што ме тера да го правам тоа?”

Валраф признава дека секогаш е на страната на малцинствата. Во актуелната дискусија околу тоа дали можат да се градат џамии во Германија, тој се изјаснува за нивно градење и вака ја објаснува својата позиција: “Се чувствувам одговорен за многу нешта што се случуваат во нашето општество. Можеби е тоа мојата шанса да бидам полезен. Се чувствувам како дел од луѓето кои немаат хоби, немаат закрила од никого. Се чувствувам како дел од малцинството. Можеби во некое исламско општество би се застапувал за христијанското малцинство, а тука, во сопствената земја, се застапувам за правата на муслиманите. Тие имаат право да градат џамии”.

Гинтер Валраф е на мислење дека би имало огромно симболично значење ако дискусијата за книгата “Сотонски стихови” се води во џамија, а биде организирана од најголемото турско-исламско здружение во Германија. Муслиманите ќе почнат конструктивно да разговараат за фатвата, нешто што досега го немало. Тоа е новата цел на германскиот журналист Гинтер Валраф, кој вели: “А до каде ќе доведе сето тоа? Што уште останува да се направи? Не можам да се одговорам на сите тие прашања”.

Јорданка Јорданова