1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ГИЗ РЕД во Македонија до крајот на 2014 година

Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ – Македонија, пред четири години ја започна Програмата за регионален економски развој ГИЗ РЕД. Наместо да заврши во 2012, Програмата продолжува и во следните две години.

Од осум плански региони во Македонија, досега ГИЗ РЕД делуваше во четири: Североисточниот, Југоисточниот, Полошкиот и Југозападниот регион. Минатата година беше одобрено продолжување на нивното присуство за уште две години. Покрај Германија, во кофинансирањето се вклучи и Швајцарската агенција за развојна соработка. Така ГИЗ РЕД ќе се прошири и на останатите четири плански региони со вкупен буџет од четири милиони и 300 илјади евра. Досега активностите се координираа преку четири канцеларии: ГИЗ РЕД - Скопје во рамки на канцеларијата на ГИЗ и три регионалните канцеларии во Штип, Струга и Тетово. Канцеларијата во Струга сега ќе ги покрива и Пелагонискиот и Вардарскиот регион, а таа во Тетово ќе биде задолжена и за Скопскиот и Североисточниот плански регион.

ГИЗ РЕД инвестира пари од германските даночни обврзници

Главен политички партнер на ГИЗ РЕД во Македонија досега им беше Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, а партнери општините, Центрите за развој на планските региони и советите во кои партиципираат градоначалниците на општините. Преку проектите, партнери им беа и ЗЕЛС, граѓанскиот, приватниот сектор и други субјекти.

„Прва цел ни беше комплетирање на правната и законска рамка за рамномерен регионален развој во Македонија. Во таа насока го поддржувавме Министерството за локална самоуправа, а се создадоа и институции на национално и регионално ниво. На пример преку Центрите за развој на планските региони, студиски патувања и обуки ги зајакнувавме капацитетите на општините во таа област. И додека институциите се формираа, ГИЗ РЕД поддржа 17 пилот–проекти за учење и мотивирање кои подоцна отворија многу нови работни места, доведоа до подобра туриситичка понуда, почиста животна средина и слично“, вели Хари Шутоски, координатор за Регионален развој и градење на капацитети во ГИЗ РЕД.

Hari Sutoski von GIZ RED

Хари Шутоски

Откако се формираше Програма за поддршка од Буџетот на Република Македонија се спроведени три транспарентни повици со реализирани 138 проекти во вкупна вредност од околу пет милиони евра. Нешто повеќе од пет милиони евра, преку техничка помош насочена во подигање на вкупните капацитети на Македонија вложила и ГИЗ РЕД.

„Тоа се средства од германските даночни обврзници кои ги одбрува германското министерство за економска соработка и развој, а во Македонија преку билатерланата техничка соработка со Германија ги трансферира ГИЗ. Всушност ГИЗ РЕД во моментов е најголемиот проект во рамките на ГИЗ“, објаснува Шутоски.

Преку нови грантови до европски проекти и решавање приоритети

И следниве две години, главните дефинирани цели остануваат исти. Главен политички партнер на ГИЗ РЕД ќе биде кабинетот на вице-премиерот за економски прашања Владимир Пешевски, но ќе продолжи соработката и со досегашните партнери. Всушност се менува само фокусот.

„Од развојна политика се оди во една повисока фаза – подобра ефикасност. Ова се однесува на координацијата на Советот за рамномерен развој на Македонија. Земјава се определи за полицентричен развој и во принцип би требало да се помагаат економските приоритетни проекти. Во насока на генерирање на други фондови за финансирање проекти ќе ги поддржиме Центрите за развој и Советите со грантови за да можат да подготват апликации за проекти со кои, на пример, би конкурирале во фондовите на Европската унија. Во следниве две години Министерството за економија ќе излезе со своја програма за поддршка на која ГИЗ РЕД ќе додаде одредени финансиски средства и преку повик и критериуми ќе се изберат проекти за развој на приватниот сектор“, заклучува Шутоски.

Во рамките на ГИЗ, кое во Македонија е од 2005 година, ГИЗ РЕД ќе продолжи и со поддршка на прекуграничната соработка, соработката меѓу земјите од Западен Балкан и пошроко. Поттик се и веќе завршените проекти кои ја потврдуваат потребата од меѓународна соработка и приближувања на општествата кон европските вредности.