1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Гечевски се врати во македонското првенство

Не беше очекувано! Не беше, можеби ниту многу реално, но Тодор Гечевски се врати во македонската кошарка. Репрезентативецот потпиша и заигра за МЗТ Скопје. На дебито против Торус беше најдобар стрелец со 18 поени.

default

Тодор Гечевски

Се’ уште недоволно адаптиран, како да се наоѓа ниту на небо ниту на земја, Гечевски е со позитивни очекувања од овој свој нов исчекор во кариерата.

„ Долго време сум надвор, доста работи тука се сменети, гледам дека лигата е изедначена, има повеќе квалитетни екипи. Нема да биде лесно, но де надевам дека ќе пружам најдобро што можам.“

Повредите се залечуваат

Mazedonien Basketball Nationalmannschaft

Од дочекот на македонските кошаркари во Скопје

Последните кошаркарски мечеви на Гечевски беа за репрезентацијата на Македонија на Европското првенство, до повредата против Словенија. Во каква здравствена состојба по еден и пол месец го облекува дресот на МЗТ Скопје?

„ Десната рака е целосно здрава, а во левата се’ уште чуствувам болки. Кондиционата подготовка не ми е на нивото од репрезентацијата, така што ќе ми треба малку повеќе време да влезам во форма и да се уиграм заедно со соиграчите.“

Задар и ПАОК, Хрватска и Грција беа клубовите, во кои во последните 7 години го демонстрираше својот висок кошаркарски потенцијал.

Спомените на Гечевски за претстојот во овие две исклучително афирмирани средини се позитивни.Особено за Задар, каде што беше и капитен.

„ Останав во Задар пет години. Имав многу добри моменти, бев прифатен како домашен играч, стекнав многу пријатели, имав среќни моменти. Исто така спомените од ПАОК се многу добри. Таму поминав две одлични сезони. Што се однесува до политичката ситуација, тој дел го прескокнавме и се’ беше коректно и од нивна и од моја страна.“

Литванија е во убави спомени, Лондон е следната цел

Македонската репрезентација има особено место во кариерата на Гечевски. Пријатни се сеќавањата на Европското првенство во Литванија, голем и тежок е новиот предизвик, квалификациите за Олимписките игри во Лондон.

Flash-Galerie Eurobasket 2011 Viertelfinalespiel Mazedonien Litauen

Гечевски се надева на слични славенички моменти како во Литванија

„ Што се однесува до ЕП во Литванија направивме голем успех. Нашите очекувања од квалификациите за Олимписките игри се големи. Иако не смееме да забоаравиме дека има многу квалитетни репрезентации, особено четирите од Европа. Ќе мораме да играме и против репрезентации за нас недоволно познати и против кои досега не сме играле. Ќе биде тешко, но се надевам дека токму ние тука во Македонија ќе бидеме организатори на пред олимпискиот турнир. Тоа значи дека ќе имаме поддршка од публиката и дека ќе се најдеме на Олимпијадата во Лондон.“

Се’ уште амбициран, инспириран, мотивиран, Гечевски се надева на нови резултатски успеси, на титула и со МЗТ Скопје.

„Имав еден тежок период со повреди, бев и емотивно испразнет по ЕП. Така што ми беше потребна пауза од речиси два месеца за рехабилитација за да ги санирам проблемите, но и за психички да се опоравам. Сега следи период на моја адаптација во новата а средина. Се надевам дека по многу години МЗТ ќе ја освои титулата, иако нема да биде лесно бидејќи има повеќе квалитетни екипи во првенството на Македонија, заклучува Тодор Гечевски.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Симе Недевски