1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Герхард Шредер си најде нова работа

Претходниот германски канцелар на чело на претпријатието што ќе управува со Балтичкиот гасовод. Критики во Германија

Герхард Шредер

Герхард Шредер

На првата седница на Одборот на акционерите на Северноевропскиот гасовод вчера Шредер и официјално беше избран за негов претседател. Во друштвото што ќе го гради и ќе управува со гасоводот од Русија низ Балтичкото море кон Германија, со 51 насто учествува руската фирма Газпром, а со по 24 ипол проценти германските концерни Е.ОН и БАСФ.

„Решението господин Шредер да биде избран за претседател на Одборот на акционерите е донесено бидејќи тој има далекусежни контакти и врски во Европа. Тоа е од клучно значење за реализацијата на проектот“ – рече Алексеј Милер, шеф на големиот руски концерн за гас Газпром.

Германската и руската страна делегираат по четворица претставници во телото што не е сосем соодветно на надзорен одбор во германските претпријатија: додека тој првенствено го советува и контролира управниот одбор во водењето на бизнисот, одборот на акционерите решава за начелниот развој на претпријатието, за неговата стратегиска ориентација.

Во Германија имаше многу критики откако се дозна за намерата Шредер да застане на челната функција во гасоводот – не само поради растечката зависност од руски испораки на гас, туку и затоа што како шеф на владата се залагаше за проектот, а сега и лично профитира од тоа. На новата функција, според сопствени наводи, ќе има плата од 250 илјади евра годишно. Критика имаше и на прес-конференцијата во Москва. Герхард Шредер се бранеше: „Не можам да ја сфатам критиката, оти ова е прокет на три независни приватни друштва, а е од интерес за Германија. Поради тоа е поддржуван од германската влада, но решенија донесуваа претпријатијата. Во тие решенија не бев упатен во ниту еден момент“.

Претпоставка е дека именувањето на екс-канцеларот е пријателска услуга од рускиот претседател, откако Шредер ги загуби предвремените парламентарни избори. Газпром не дејствува независно од Кремљ и поради тоа се страхува дека Шредер би можел да западне во конфликт на интереси.

Планираниот Балтички гасовод ќе биде долг 1200 километри и според проценките ќе чини до 5 милијарди евра. Треба да биде готов до 2010-та година и во почетокот преку него до Германија ќе стигнуваат 27 милијарди кубни метри гас. Официјалното седиште на претпријатието е Цуг во Швајцарија, а извршен раководител ќе биде Матијас Варнинг, поранешен раководител на Дрезднер банк Русија. Претпријатието ќе има филијала во Москва.