1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германците ја губат довербата во САД

Довербата на Германците во САД бележи драматичен пад по откривањето на шпионскиот скандал. Само една третина од граѓаните ги сметаат САД за доверлив партнер, додека Сноуден го сметаат за херој.

Како ретко кога во последните 15 години, Германците имаат ниска доверба кон американската Влада, покажува последната анкета на германскиот јавен сервис АРД. Само 35 проценти од испитаниците во Вашингтон гледаат доверлив партнер, пад од 14 проценти во однос на јули годинава. Само пред четири години, во ноември 2009. таа бројка изнесуваше 76 проценти.

Забележителен е падот на довербата и во американскиот претседател Барак Обама. Само 43 проценти од Германците се задоволни од неговата работа, за разлика од 88 отсто во април 2010.

Како одраз на недовербата на Германците кон своите сојузници, говори и податокот дека, доколку Берлин и Вашингтон склучат договор за нешпионирање, дури 92 отсто од Германците сметаат дека САД истиот ќе го игнорираат и ќе продолжат да шпионираат.

И статусот на Велика Британија, која исто така е обвинета дека шпионирала во Германија, бележи голем пад. Нејзината репутација како доверлив партнер меѓу Германците опаднала од 80 на 50 проценти.

Но, и само 20 проценти од Германците ја сметаат Русија за доверлив партнер.

Од друга страна, големо мнозинство испитаници во Германија имаат позитивно мислење за човекот заслужен за откривањето на шпионскиот скандал- Едвард Сноуден. Околу 60 отсто во него гледаат херој, додека само 14 отсто го сметаат за криминалец. И покрај неговите откритија, останува поделеноста на Германците околу прашањето дали на Сноуден да му се додели статус на азилант, 46 се „за“, додека 49 проценти се „против“.