1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Германците фрлаат 11 милиони тони исправна храна

Во Германија годишно на ѓубриште се фрлаат 11 милиони тони и тоа исправна храна- покажува студијата која ја спроведе Универзитетот во Штутгарт. Владата сака да ја запре ваквата пракса.

Секој германски граѓанин годишно фрла преку 80 килограми храна, покажува студијата која беше презентирана во Берлин. Министерката за земјоделство Илзе Ајгнер отвори иницијатива за намалување на количеството на фрлена храна, за која вели дека граѓаните воопшто не се ни свесни.

„Станавме општество на изобилие и негуваме „фрлачки“ менталитет“, го коментираше Ајгнер податокот дека преку 11 милиони тони храна се фрлаат годишно, од нив над 60 проценти од приватни домаќинства. Повеќе од половината од фрлената храна била се уште употреблива, во време кога преку 900 милиони луѓе во светот гладуваат.

Кога се’ ќе се собере и подели произлегува дека просечниот Германец годишно фрла храна во вредност од околу 235 евра. Кај четворочлено семејство таа сума изнесува 940 евра. На ниво на целата земја- 20 милијарди евра годишно.

Lebensmittel Müll Verbraucherministerin Ilse Aigner

Илзе Ајгнер

Но на ваквото поведение често му кумуваат и самите производители на храна кои сакаат што поголем обрт, вели Рајнхилд Бенинг од Организацијата за заштита на потрошувачи. Тој вели дека храната се фрла и затоа што и истекува рокот на траење, а тој рок го одредуваат токму производителите. Тие често одредуваат покус рок за да ја забрзаат продажбата, па така храната завршува во корпите за отпадоци иако можела се уште да се конзумира.

Кој е виновен?

Петер Фелер, директор на Федерацијата за храна и пијалоци, вината ја лоцира кај граѓаните, односно во фактот што храната е „премногу евтина“.

„Потрошувачите не би фрлале толкаво количество храна доколку таа чини повеќе. Мислам дека покрај редицата други причини, оваа е една од главните за фрлањето храна“, тврди Фелер.

Но од опозициската Партија на левицата ги критикуваат министерката Ајгнер и експертите кои вината ја лоцираат единствено кај граѓаните. Вината треба да се бара кај производителите, вели Карин Биндер од Левицата.

„Главната причина за проблемот со храната е убиствената конкуренција меѓу производителите  со ниските цени, агресивното рекламирање и стоката во XL формат“, вели Биндер.

Министерството за земјоделство набрзо планира стартување на кампањата „премногу добро за канта за отпадоци“ и преку интернет-страница на која граѓаните ќе можат да се едуцираат која храна кога треба и кога може да се фрла. Целта е до 2025 година да се преполови количеството на фрлена храна.

Автор: Кај-Александар Шолц/Борис Георгиевски

Редактор: Симе Недевски