1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Германците со скромни очекувања патуваат во Шпанија

Германската ракометна репрезентација која до пред неколку години важеше за фаворит на големите натпреварувања, на СП во Шпанија заминува со скромни очекувања и умерен оптимизам.

По подготвителниот период Германија тргна на пат во неизвесност, со комплетно нова екипа. Во пријателските натпревари беа совладани Романија и Шведска, но беа покажани и низа слабости. Формата не е на највисоко ниво.

„Има уште простор за подобрување“, дипломатски одговара голманот Силвио Хајневетер, иако самиот е оптимист: „Мислам дека сме на добар пат“.

Германците се надеваат дека ќе можат да изненадат со целосно променет состав. Селекторот Мартин Хојбергер формираше целосно нов тим. Поточно, мораше да го формира. Неколку проверени играчи го откажаа учеството на турнирот, а во селекцијата се седуммина нови ракометари.

Актуелниот тим е мешавина од млади, талентирани играчи и рутинирани ветерани како Оливер Рогиш. Дува нов ветар, како што тоа поетски го опишуваат германските медиуми.

Handball Europameisterschaft 2012 Martin Heuberger

Мартин Хојбергер

Хојбергер немаше проблеми само поради отказите, туку и со повредите. Еден од најважните играчи Уве Геншајмер се повреди, а поради истите причини откажаа и Холгер Гландорф и Ларс Кауфман. Некои од откажувањата е тешко да се разберат, особено што Гландорф, на пример, редовно настапува за неговата матична екипа.

Минимум осминафинале!

Германскиот тим турнирот ќе го започне со дуелот против Бразил в сабота. Другите противници во групата се светскиот и олимписки првак Франција, африканскиот- Тунис, Аргентина и Црна Гора. Настапот во осминафиналето ќе го обезбедат првите четири пласирани.

Осминафиналето е и минималната цел, вели претседателот на ракометната федерација Хорст Бредемајер: „Со добри игри во групата можно е и четвртфинале“.

По слабите резултати на последните големи турнири и разочарувањето на Европското првенство во Србија кога Германија го освои седмото место, ракометната федерација сака „помирување“ со навивачите. Тие долго беа главната потпора на ракометарите.

Во обложувалниците, најголеми фаворити за освојување на турнирот се домаќините Шпанија. Доколку успеат тоа за нив ќе биде втора титула светски првак. Веднаш зад нив се Франција и Данска, а тука некаде се и Хрватите. Фаворит за најдобар стрелец на шампионатот е македонскиот капитен Кирил Лазаров.