1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германците се‘ помалку купуваат автомобили

Кризата на автомобилскиот пазар во Германија во септември неочекувано силно се заостри - бројот на новорегистрирани возила се намали за 11 проценти во однос на минатиот месец.

Во септември биле регистрирани само 250 илјади нови возила, соопшти сојузот на увозниците во Бад Хомбург. Во јули и август намалувањето беше околу пет проценти. Бројот на регистрации на нови возила во Германија е клучното мерило за побарувачката во еден од најважните сектори на најголемата европска економија.

Најновите податоци укажуваат дека водечката европска економија се повеќе ги чувствува последиците на тригодишната должничка криза.

Во текот на првите три тромесечја од годинава, регистрирани се околу 2,4 милиони автомобили, што е за околу 43.000 помалку во однос на минатата година, се наведува во соопштение на сојузот.

Сепак, состојбата во Германија е многу подобра отколку кај многу од соседите. Во Франција и Италија намалувањето изнесува околу 20 проценти. Во целата ЕУ минусот во новорегистрирани возила на крајот на август беше седум проценти. За „спасување“ на просекот придонесоа стабилните економии во државите во северна Европа, каде падот не е толку драматичен како во јужните европски земји.

Многу автомобилски производители веќе реагираа на оваа состојба: Опел и Форд го намалија производството. Форд ќе укине стотици работни места во Европа. Дури и Мерцедес чувствува намалена побарувачка кај поскапите модели од Е и С класата.