1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германците сакаат еднакви шанси, но бараат и забрани од државата

Индексот на слободата во Германија покажа дека граѓаните сметаат дека имаат подеднакви шанси на западот и истокот на земјата, но и потреба државата под свое да регулира повеќе сфери од животот.

default

Шaнсите израмнети!

Слободата како самоодговорност, отворена опција за избор - на професијата, на државата и местото на живеење, на целта кон која се тежнее, е определба на повеќе од половината Германци, кои беа вклучени во проектот за дефинирањето на Индексот на слободите во Германија. За 52 проценти од анкетираните, дефинирањето на слободата како самоодговорност е поважно од третманот на слободата низ призмата на социјалната сигурност (без сиромаштија и невработеност), но и од аспект на избор на живеење по сопствен аршин - како и каде се сака.

„На скалата од минус педесет до плус педесет, слободата ја доби оценката од минус 3“, коментира проф. д-р Улрике Акерман, раководител на институтот „Џон Стјуарт Мил“ од Хајделберг, кој заедно со уште неколку институти го изработи индексот, при што биле анкетирани 1.800 лица, а паралелно било анализирано и како печатените медиуми го третираат поимот слобода.

Еднакви шанси за сите!

Своевиден комплимент за Германија е што во споредба со минатото, но и со 2003 година, кога била спроведена слична анкета, е постигнат голем напредок. Поточно, кога се анализира индивидуалното чувство на слобода, сега на истокот и на западот од државата шансите се израмнети. Ова го потврдува изјавата дека „секој е ковач на сопствената среќа“, наспроти алтернативата дека „некои се горе, други долу и ова тешко може да се смени“. Дека секој е ковач на сопствената среќа во минатото главно бил став на постарите генерации.

Pressekonferenz Wie halten es die Deutschen mit der Freiheit?

Експерти на „Џон Стјуарт Мил“ - институтот го иницираа Индексот на слободата во Германија

„Сега доживуваме пресврт! Првпат во историјата на Германија младите под 30 години, почесто од старите велат дека се одговорни за сопствената среќа. Ова е посебно случај во новите покраини“, појаснува д-р Томас Петерсен од Институтот за демоскопија од Аленсбах, кој вели дека 56 проценти од младите под 30 годишна возраст од источните и 58 отсто од западните покраини сметаат дека секој е ковач на сопствената среќа. Во споредба со 2003 година, оптимизмот околу подеднаквите шанси на западот е благо намален, а на истокот значајно зголемен.

Од државата се бараат забрани?!

„Од друга страна, се’ погласно е барањето за пошироки забрани од страна на државата и желбата државата своите забрани да ги прошири на повеќе сфери од општественото живеење. Оваа желба за државно набљудување и контрола ја посакуваат сите граѓани - и оние кои во слободата гледаат самоодговорност и другите кои предимство им’ даваат на безбедноста и еднаквоста“, кажува д-р Акерман.

Погледнато низ бројки, во 2003 година 35 проценти од Германците барале нови забрани од страна на државата, а сега во 2011 овој процент е 43,9. Од понудените опции во каталогот, со 92 проценти води барањето за забрана на дрогата. Дури 70 проценти од анкетираните сметаат дека државата треба законски да ги забрани десно радикалните партии, но и агресивните компјутерски игри, филмови, видео, нездравата храна, кредитирање на лица кои веќе се задолжени, на порнографијата, телефонирање од автомобил, игрите на среќа, максимирање на брзината на автопатите на 130 километри, купување посебно силни и брзи автомобили и слично.

Pressekonferenz Wie halten es die Deutschen mit der Freiheit?

Германците не сакаат јавно да говорат за табу теми - д-р Ханс Јерг Шмит од институтот „Џон Сјуарт Мил“

„Разлики има и во свесноста за тоа кои мислења јавно може да се соопштат, а кои треба да се зачуваат како приватни“, подвлекува и д-р Ханс Јерг Шмит, раководител на научниот тим на институтот „Џон Стјуарт Мил“, според кого за да се види отвореноста кон јавниот збор во анкетата тенденциозно биле понудени жешки изјави.

Така, во „најжешката група“ биле понудени ставови како: „Аушвиц е лага“, „Војниците се убијци“ и „Операциите не треба да се платени за сите луѓе“. За овие теми најголем број испитаници велат дека тоа се работи за кои јавната дискусија треба да се забрани и кои може да им донесат последици на оние кои ги актуелизираат. Меѓу морето податоци Шмит истакнува дека 12 проценти од анкетираните сметаат дека со закон треба да се забрани исказот дека има премногу муслимани во Германија. За истиот исказ, дури 68 отсто од анкетираните сметаат дека ваквата изјава, доколку јавно се изрече, може да донесе последици.

Интересено е што терминот „слобода“ бил детерминиран само во 12 проценти од анализираните 2.078 написи од дневните весници „Велт“, „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ и „Зидојче Цајтунг“, како и во „Шпигел“ и 23 други списанија.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска