1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германците пушат се’ повеќе шверцувани цигари

Трендот е јасен: колку поскапи стануваат цигарите во Германија толку е поголем бројот на шверцувани цигари на пазарот. Шверцерите ги тријат рацете, државата останува без милијарди од даноци.

default

Германски цариник со запленети шверцувани цигари

Пушачите во Германија се’ позасилено посегнуваат по цигари чие пакување не го краси германската царинска маркичка. Минатата година секоја петта запалена цигара во Германија била купена на црниот пазар. Тоа се околу 1,5 милијарди нелегални цигари повеќе отколку во минатата година. Здружението на германските претприемачи кои се поврзани со продажба и преработка на тутун и тутунски производи (ДЗВ) смета дека овој тренд е тесно поврзан со се’ почестите поскапувања на тутунските производи на германскиот пазар. Веднаш по Нова година пакувањата со цигари поскапеа во просек по десет центи. Така сега една кутија со 19 цигари од некоја попозната марка во Германија чини 4 евра и 90 центи.

Фабрики за нелегални цигари

Но, поголема штета од производителите на цигари сноси државата. Шверцуваните цигари предизвикале загуби во германската државна каса во вредност од 4,2 милијарди евра.

Далеку најголем број нелегални цигари во Германија доаѓа од членките на ЕУ од Источна Европа. ДЗВ смета дека производството на нелегални цигари во меѓувреме се преселило во земјите кои се дел од ЕУ со што се олеснува натамошната дистрибуција на Запад. Цигарите во добар дел потекнуваат од погони во кои се произведуваат и оригинални цигари, но на истокот на Европа постојат и фабрики кои произведуваат исклучиво за нелегалниот пазар на Запад. Најголем дел од цигарите остануваат на пазарот во источниот дел на Германија, веднаш на границата со Полска. Така на истокот на Германија секоја втора цигара потекнува од нелегалната трговија. А и полицајците прават се’ поспектакуларни откритија. Полицијата деновиве во една гаража во источниот дел на Берлин пронајде преку милион нецаринети цигари.

Подобра соработка

Во последните десет години бројот на продадени легални односно царинети цигари во Германија опадна од 145 на 83 милијарди годишно. ДЗВ бара подобра соработка на полицијата и царините на земјите на ЕУ како и подобра комуникација со тутунската индустрија со цел навремено да се открие постоењето на нелегални погони за производство на цигари.

Тутунската индустрија на крајот бара и поинтензивна борба против уличните банди продавачи на нелегални цигари кои особено на истокот на Германија се вообичаена појава во близина на трговските центри и на железничките станици.

Автор: СН/ БГ/ нк/ дпа/ афп

Редактор: Александра Трајковска