1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Германците поделени околу приемот на Хрватска во ЕУ

На први јули Хрватска станува 28-ма членка на ЕУ. Неодамна и Бундестагот, како последен од европските парламенти, даде согласност. Непосредно пред Хрватска да влезе во Унијата, расположението во Германија е поделено.

Зелен сигнал за прием на Хрватска во ЕУ. Конечно му доаѓа крајот на седумгодишниот процес за пристапување. Новата членка на Унијата предизвикува различни реакции кај германските граѓани. Од анкетата во еден овдешен град може да се заклучи - стравот расте со возраста:

„Што можеме да правиме? Веројатно не можеме да го запреме тоа“.

„Можеби би требало уште малку да се почека“.

„Тука не гледам никаков ризик и поради тоа воопшто не сум против“.

„Всушност јас сум загрижен дека кај нас ќе дојде многу криминал“.

„Го сметам тоа за вистински придонес за ставање крај на споровите, на ривалствата со Србија и на Балканот“.

Deutschland Medienecho zum EU Beitritt Kroatiens

Критички тонови во германскиот печат во однос на Хрватска

И дел од германскиот печат го оценува приемот од критички до полемички. Се среќаваат наслови како „Кој дозволува постојано нови неуспешни да влезат во ЕУ“ или „Наредното проблематично дете се вика Хрватска“, или, пак „Хрватска - следниот гроб за милијарди“. Медиумите стравуваат дека Хрватска, како Грција, ќе стане гроб за милијарди евра од германскиот буџет. Некои набројуваат: Хрватска е задолжена, корумпирана и страда од висока невработеност. Но, политичарите во Берлин имаат поинакви гледања. Грофот Николаус Ламбсдорф, во германското МНР задолжен за Југоисточна Европа, сигурен дека грешките од минатото нема да се повторат.

„Тоа беше најтешкиот и најстрог процес за пристапување што мораше да го мине некој кандидат за членство во ЕУ. Патем, ова ќе служи за пример - секој нареден кандидат за членство ќе мора да ги исполни најмалку истите услови“, оценува грофот Николаус Ламбсдорф, ополномоштеник за Југоисточна Европа во германското МНР.

Хрватска економски стои лошо

Но, она што е политички посакувано, ни оддалеку не функционира економски. Хрватската влада ги исполни предусловите за прием, но земјата и натаму економски е лошо рангирана.

Во една студија на Германско-хрватската индустриска и трговска комора од 2012 Хрватска според погодноста за инвестирање е дури на 11 место во Источна Европа, зад Словенија и Србија. Нагласени се и неефикасноста на јавната администрација и несигурноста во правниот систем. Оваа несигурност ја забележуваат и бизнис-консултантите, како Волфганг Вернер, кои се обидуваат да им помогнат на фирми за ангажман во регионот. 

„Слабата поддршка од инвеститорите секогаш беше проблем. Често се наведува дека недостасува ефикасност во постапките за издавање дозволи. Тоа е навистина тешко. Постапките се на три нивоа - на локално, средно и на државно ниво. Многу проекти во минатиото пропаднаа поради тоа што постојано имаше одолговлекувања“, вели Волфганг Вернер, бизнис-консултант во ЦФО Консалтинг.

Некои фирми не се обесхрабруваат од лошите локациски фактори. Хрватска има и предности. Германски фирми, како Лајштриц, одамна ја открија како место за бизнис и отворија над 16.000 работни места. Евтина работна сила и мноштво висококвалификувани работници се само некои од причините зошто фирмите инвестираат во Хрватска. 

Nikolaus Graf Lambsdorff im Interview mit Srecko Matic (Deutsche Welle)

Гроф Николаус Ламбсдорф, ополномоштеник за Југоисточна Европа во германското МНР

„Пресуден момент беше состојбата во споредба со нашето седиште овде во Германија. Тука најдовме логистика за транспорт со камиони. Во иста временска зона сме, што секако ја олеснува комуникацијата. Тука имаме ниво на трошоци кое за нас како странски инвеститор во Хрватска е многу атрактивно“, објаснува д-р Даниел Холштајн, извршен директор на Лајштритц.

Хрватска ќе треба да ги поддржи соседите

Фирми од преработувачката индустрија се реткост во Хрватска. За да биде економски успешна, владата повеќе се потпира врз туризмот отколку врз индустријата. Во Берлин се размислува политички пошироко. Според грофот Николаус Ламбсдорф, економската политика сама по себе не е одлучувачка.

„Јас се надевам дека тие нема да ги заборават своите соседи. Буквално најблискиот сосед е секако Босна и Херцеговина, каде живеат многу Хрвати, но тука спаѓа секако и соседот Србија. Процесот на приближување на целиот регион кон ЕУ треба да продолжи, а се надевам дека Хрватска притоа ќе игра позитивна, активна улога“, вели грофот Николаус Ламбсдорф, ополномоштеник за Југоисточна Европа во германското МНР

Следните години ќе покажат дали Хрватска ќе ја исполни оваа улога.