1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Германците мразат кивање во лице

Колку е учтиво да се понуди шамивче на некој кому му тече носот? Дали е во ред да се побара тоалетна хартија од соседната веце кабина? Ова се дел од прашањата со кои се занимава едно истражувањето за хигиенски навики.

Луѓето мора да научат како да се однесуваат во незгодни ситуации, без разлика дали станува збор за бришење нос или одење во тоалет. Како околината гледа на нас, во најголем дел зависи од нашето однесување, а тоа се разликува и е условено од државите и културните средини. Германската компанија „Темпо“ која се занимава со производство на хигиенска хартија, неодамна нарачала истражување за хигиенските навики на Германците, Австријците и Швајцарците.

Истражувањето покажало дека за 80 отсто од испитаниците одржувањeто на лична хигиена е знак на почит кон другите, за непристојни се сметаат оние кои по бришењето на носот го анализираат шамивчето, а за апсолутен „грев“ се смета ракувањето после кивање (доколку рацете не се претходно измиени). Седумдесет остсто од анкетираните сметаат дека е пристојно да му се додаде шамивче на некој кому очигледно му е потребно, а дури 72 проценти од нив без никаков проблем би побарале тоалетна хартија од личноста во соседната веце кабина (доколку во нивната кабина истата е потрошена).

Различни видови на бришење нос

Што се однесува до бришењето на нос, истражувањето ги диференцира сите различни навики при оваа активност. Тоа воопшто не е чудно доколку се земе предвид фактот дека анкетата ја нарачала најпознатата компанија за производство на хигиенски производи, која веќе осумдесет години е синоним за хартиени шамивчиња. Доколку во Германија барате шамивчиња, доволно е само да речете „Темпо“ и сите би разбрале што сакате.

Според истражувањето постојат неколку видови на бришење на нос: некои тоа го прават многу гласно, други пак се крајно пристојни и дискретни. За непристојни се сметаат оние кои се толку темелни во бришењето, што шамивчето го туркаат внатре во носот. Генерално, само 16 отсто од Германците го одобруваат бришењето на нос во јавност. Швајцарците се потолерантни по однос на ова прашање бидејќи 28 проценти од тамошните испитаници одобруваат бришење на нос на јавно место.

Топ листа на хигиенски „гревови“

Постојат и правила за однесување во јавните тоалети. Една од најнепосакуваните ситуации е кога многу доцна ќе забележите дека во вашата кабина нема тоалетна хартија. Во таков случај, 72 отсто од Германците би побарале тоалетна хартија од соседот во кабината до нив. Сепак, повеќето потврдуваат дека ваквата ситуација би направила да се чувствуваат многу неудобно.

За повеќето испитници постојат три работи кои се апсолутно неприфатливи. Дури 84 отсто од Германците се згрозени кога некој се поздравува со раката во која претходно кивнал и исто така се шокирани од помислата дека некој би можел да им кивне во лице. Осумдесет и три отсто од германските испитаници се критички настроени кон немиењето на раце по излегување од тоалет додека пак кај Швајцарците оваа навика се наоѓа на неславното прво место на топ листата на хигиенски „гревови“.