1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Германците и „нивниот“ папа

Бенедикт Шеснаесетти беше првиот германски папа по речиси 500 години, па голем беше и публицитетот во неговата татковина. Но, односот меѓу папата и верниците го поматија и скандалите со сексуално злоставување.

Тоа утро насекаде во Баварија биеја камбаните. Јозеф Рацингер беше избран за Папа. Човек од јужна Германија, упориште на германскиот католицизам. Тој е роден во Марктл. Но, и во целата земја илјадници Германци го славеа нивниот папа.

„Тоа беше оној ефект дека е ’еден од нас’. Се смета дека тоа е неважно, но мислам дека не е сосем така. Јас тогаш почувствував некаква внатрешна радост и позитивно очекување на она што ќе следи натаму“, раскажуваше Кристоф Брас од Централниот комитет на германските католици во 2010 година.

Германските католици од Бенедикт очекуваа реформи. Но тој беше сметан за исклучително конзервативен. Јозеф Рацингер како шеф на Конгрегацијата за верата ги бранеше прописите како тој за целибатот и ги кочеше екуменските иницијативи. Многумина се надеваа дека сега, како папа, ќе тргне по нов пат. Воодушевувањето траеше кратко.

„Нормално е да опадне почетната еуфорија околу папата. Но, потоа дојдоа и пораки кои предизвикаа недоразбирања, дури и грешки и погрешни одлуки, кои дополнително ја затемнија сликата за понтификатот“, истакнуваКристоф Брас.

Веројатно најконтроверзна беше одлуката во јануари 2009 година. Папата ја укина екскомуникацијата за четворицата бискупи од братството на Пие, меѓу нив и негаторот на холокаустот Ричард Вилијамсон. Тоа беше скандал, иако никогаш немаше сомнение дека Бенедикт лично ги осуди злосторствата на националсоцијалистите. Многу германски католици беа разочарани, дури и канцеларката јавно се изјасни за случајот.

Papst Benedikt XVI Rede im Bundestag 2011

Папата во Бундестагот во 2011. година

„Овде станува збор за тоа, дека од папата и Ватикан јасно и недвосмислено треба да се каже - овде не може да има негирање и мора да има позитивен однос кон еврејството севкупно“, рече Ангела Меркел на 3. февруари 2009. година.

Значи, предупредувачки зборови од татковината. Неа Бенедикт трипати ја посети за време на понтификатот, последен пат во 2011, кога одржа говор во Бундестагот. И тоа беше оспорувано, фотелјите на многу пратеници останаа празни. Но, за говорот, во кој апелираше на совеста на политиката, доби пофалби од претставници на разни партии.

Односот на Германците кон нивниот папа секогаш беше поделен. Многу славење и почетна еуфорија, но и сомнеж и разочарување.