1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Германците и Грците се „јадат“ пред натпреварот

Во четвртфиналето на ЕП Германија игра против Грција. Некои Грци во овој дуел гледаат повеќе од спортски натпревар - имено шанса за реванш на курсот за штедење на канцеларката Ангела Меркел.

Во очекување на натпреварот грчките спортски весници ги донесуваат следниве наслови: „Донесете ни ја Меркел" или дури „Даваме се' за една ноќ со Меркел". „Ние припаѓаме во Г8 на европскиот фудбал", пишува еден спортски новинар понесен од патриотска еуфорија. „Исфрлете ги Германците од еврото", пишува на друга насловна страница целосно извртувајќи ја реалноста. Во Грција се издаваат десет различни спортски весници, кои секојдневно водат битка за подобар наслов. Злонамерниците тврдат, дека некои наводни издавачи на тој начин перат пари. Другите пак, се уверени дека публицистичката прекумерна продукција се должи на самоискористувањето на новинарите, кои радо работат бесплатно, оти спортското известување го сметаат за отскочна штица во новинарството.

EM Fußball Europameisterschaft 2012 Griechenland Deutschland Viertelfinale

Димитрис Канелос новинар во „Елефтерос типос“

Како и да е: политиката и спортот треба да останат одделени, смета Димитрис Канелос, уредник во атинскиот дневен весник „Елефтерос типос", кој има сериозна спортска редакција. Канелос кој студирал новинарство во Австрија и внимателно го следи германскиот спортски печат, смета дека двете страни се одговорни за меѓусебното подбуцнување. „По победата во квалификациите над Русија, ние Грците бевме првите кои ја подгреваме атмосферата со наслови како 'Донесете ни ја Меркел'. Но, тогаш дојде претераната реакција од Германците и лично нападна некои од играчите. Еден од клучните играчи Карагунис во едно иронично ТВ видео беше дури претставен како актер", критикува Канелос. Но тоа се препукувања на медиумите. Двете репрезентации немааат никаква врска со тоа и на сето гледаат од спортски аспект, уверен е спортскиот новинар од Атина.

Кога ќе биде повредена националната гордост

Атмосферата ден пред натпреварот ја подгреа уште еден ироничен извештај на весникот „Билд": Фудбалерите од Хелас цело време наводно само бегале и пушеле, известува шпион на Билд од хотелот на грчката национална репрезентација во Варшава. Во грчката репрезентација само тренерот Фернандо Сантос е пушач, а тој како што е познато доаѓа од Португалија. Спортскиот коментатор Антонис Пануцос препорачува опуштеност: „Драги сограѓани, нашата национална гордост навистина не треба да зависи од тоа, дали Карагунис знае да ја води топката", пишува новинарот во фудбалското списание „Спортдеј".

EM Fußball Europameisterschaft 2012 Griechenland Deutschland Viertelfinale

Константинос Павлу смета дека политиката и спортот не треба да се мешаат

На слично мислење е и Константнос Павлу. Таткото на две деца фудбалските натпревари најрадо ги гледа со чашка узо во кафуле во Атина. И тој се чувствува погоден од кризата и одвај врзува крај со крај, згора на тоа неговите две ќерки студираат далеку од Атина и им испраќаат пари од дома. Но сето тоа нема никаква врска со натпреварот, вели тој. „Сакате со мене да зборувате за она што се одвива надвор од фудбалскиот терен? Не не доаѓа предвид. Што сака Грција или Меркел или Самарас е една работа, фудбалот е сосема друга приказна. Фудбалот е животна радост, која нема да дозволиме да ни ја расипат", вели Павлу.

Давид против Голијат

Чисто спортски погледнато, поделбата на улогите е јасна, вели Гркот воодушевен од фудбалот: Германците се Голијат, Грците Давид. Меѓутоа и Давид има шанси во однос на фаворитот. „Посакувам Грција да победи, но логички знаеме дека Германија е подобрата репрезентација", подвлекува Павлу. Германците се подобри од Русите, затоа воопшто не треба да се зборува. За Грција гледа само една шанса: храбро да се бранат, да не дозволат да бидат извадени од контекст, и по можност да издејствуваат продолжувања.

EM Fußball Europameisterschaft 2012 Griechenland Deutschland Viertelfinale

Мариа Константину ќе стиска палци за Грција

Исто како и во Германија, и во Грција се' повеќе жени гледаат фудбал. Марија Константину својата страст ја претвори во професија и држи продавница за фудбалска лотарија во Атина, недалеку од Олимпискиот стадион. Вечерва пред телевизорот ќе стиска палци, оценува Константину: „Се разбира дека ќе победиме против Германците и во среда ќе играме во полуфинале. Сите што доаѓаат овде се обложуваат на победа на грчката репрезентација".

Познати лица на двете страни

Меѓу необичните работи на овој натпревар се вбројува и фактот што девет грчки фудбалери се натпреварувале во Бундеслигата или се' уште играат за некој германски тим, иако со различен успех. Само и поради овој факт двете репрезентации немаат што да кријат една од друга, уверен е фудбалскиот експерт Димитрис Канелос. „Двата тима играат со отворени карти", вели атинскиот спортски уредник. Грците знаеја дека Германците се вбројуваат меѓу фаворитите за титулата европски првак, а Германците очекуваат противникот да ја базира играта на одбраната. Германија мора да го урне грчкиот ѕид, за да победи. Грците немаат што да загубат, подвлекува Канелос.

Дека грчките фудбалери немаат високи амбиции, покажува календарот со термините на репрезентативецот Јанис Маниатис. Одбранбениот играч од Олимпијакос Пиреја ја планира својата свадба за 1 јули, денот кога се игра финалниот меч. На прашањето на новинарите, дали ќе дојде до промена на плановите, доколку Грците ја победат Германија. За збор се јави фудбалерот Јоргос Макос кој носи брада. „Без проблем" изјави тој на пресконференцијата и дополни: „Невестата ќе дојде тука и јас ќе ги венчам двајцата, брада веќе имам", рече фудбалерот, алудирајќи на изгледот на православните свештеници.