1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Германците во отворена „војна“ со Блатер

Првите луѓе на германскиот фудбал ги отфрлија сугестиите на претседателот на ФИФА Сеп Блатер за можни нерегуларности при изборот на Германија за домаќин на Мундијалот во 2006. година.

Првиот човек на организацискиот комитет на Германија во 2006. Франц Бекенбауер и неговиот заменик Федор Радман ги отфрлија сугестиите на Сеп Блатер како неточни и неразбирливи. Во неделата, во интервју за швајцарскиот печат, претседателот на ФИФА Блатер на прашање околу сомнежите за местење на изборот на домаќините на светските првенства во 2018 и 2022, го споменува изборот на Германија во 2006.

„Се присетувам на изборот во 2006 кога некој неочекувано ја напушти просторијата во последен момент. И така гласањето заврши 10-9 во корист на Германија, наместо 10-10. Замислете одеднаш некој станува и си заминува. Можеби сум бил премногу фин и наивен“, рече Блатер.

Германските функционери жестоко реагираа на изјавата на Блатер.

„Изјавата на Блатер е погрешна. Ние победивме со 12-11 а не со 10-9 гласови. Ние загубивме еден глас, а не добивме преку апстинирањето на Чарлс Демпси. Тој ни беше ветил дека ќе гласа за нас, доколку Англија испадне од конкуренција“, вели Федор Радман.

Според Бекенбауер, Блатер целосно ги згрешил нештата.

„Не можам да ги разберам неговите сугестии. Го згрешил дури и резултатот. Одлучувачки фактор беше тоа што сите Европјани гласаа за нас“, тврди Бекенбауер.

Прикривање на скандалот

FIFA - WM 2006

Франц Бекенбауер, Сеп Блатер и поранешниот претседател на ДФБ, Герхард Мајер во 2006.

Новозеланѓанецот Демпси, кој почина во 2008 година, беше претставник на Океанија на гласањето, и според информациите бил инструиран од својата конфедерација да гласа за Јужна Африка. Но, тој се повлече од гласањето во последен момент наведувајќи лични причини, а подоцна зборуваше дека бил под огромен притисок пред гласањето. Подоцна поднесе оставка на функцијата, но тврдеше дека не сторил ништо недозволено.

Последните изјави на Блатер доаѓаат откако тој беше жестоко критикуван во германската јавност и од првите луѓе на германскиот фудбалски сојуз поради скандалот со корупцијата во кој се вмешани поранешниот прв човек на ФИФА, Жоао Авеланж и претседателот на бразилскиот фудбалски сојуз Рикардо Тешеира. Блатер тврдеше дека во коруптивниот скандал нема криминал.

Првите луѓе на германскиот фудбал побараа оставка од Блатер и се дистанцираа од неговите изјави.

„Овие нејасни сугестии на Блатер се целосно неосновани и нивната единствена цел е да го свртат вниманието на јавноста од актуелниот коруптивен скандал“, изјави генералниот секретар на германската фудбалска федерација Хелмут Сандрок.