1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германците бираат сигурност пред „брзи пари“

Германците не им веруваат на берзите, но и покрај тоа акциите постојано растат. Причината е едноставна - нема алтернатива. Германците немаат во што да ги вложуваат своите пари.

Штедачите во Германија се‘ повеќе се соочуваат со еден проблем: нивната заштеда губи на вредност. Откако во 2008. започна финансиската криза, се повеќе штедачи своите пари ги депонираат најчесто на своите тековни сметки, иако каматите постојано паѓаат. Купувањето хартии од вредност за мнозинството штедачи е како авантура - подобро е да се заборави.

Индексот Дакс (DAX), кој го проценува работењето на најуспешните германски фирми во текот на минатата година, порасна за речиси 30 отсто, но Германците немаат доверба. Зарем токму големиот раст не е прв показател на „надуен балон“? И што ќе биде со државните обврзници кога кризата повторно ќе се распламти? Експертите за ваквиот однос на штедачите имаат едноставно објаснување: доколку штедачите се одлучат за некакво вложување, па потоа поради различните информации се почувствуваат несигурни, ја одложуваат одлуката и своите пари ги чуваат на некоја тековна сметка каде што им се секогаш достапни.

Замка со каматите

Но, порадите ниските камати, чувањето на парите на таква сметка е едноставно прескапо. Кон крајот на септември 2012., на пример, штедачите во банките имаа

околу два билиони евра, велат статистиките на Германската сојузна банка. Тоа е речиси 41 отсто од паричниот имот на приватните домаќинства во Германија. Кон крајот на 2002. тој удел изнесувал едвај 36 отсто, иако тогаш каматите на заштедите биле далеку повисоки.

Во минатото, приходите од каматите, откако ќе се одземе инфлацијата, по правило покажувале позитивна реална каматна стапка. Тоа значи дека можело, со помош на тековната сметка или на државните хартии од вредност, да се избалансира губењето на куповната моќ, а сопствениот имот полека да се зголемува. Денес тоа е тешко можно, бидејќи каматите едноставно се прениски.

Така, многу штедачи се најдоа во т.н. замка на реалната каматна стапка бидејќи со помош на каматите повеќе не можат да ја избалансираат разликата која се создава поради инфлацијата.

Берзите како излез во нужда

Затоа не е чудно што некои се обидуваат да ја избегнаат таа замка. Но прашањето е како? Да се вложат парите во шпански или италијански обврзници со високи камати, за многумина сепак не е привлечна опција, а доколку се одлучат за германски обврзници, речиси да мораат за нив и да доплаќаат. Вложувањето во злато не носи никакви камати и освен тоа, минаа времињата кога тоа се исплаќаше. Оттука многу алтернативи нема.

Една од нив се вика - акции. Не е чудно што курсот на акциите во Германија постојано бележи рекордно скокови, иако тоа за Германците не е најомилениот начин на инвестирање. Националните банки, со своето пумпање на пари се’ повеќе ги тераат инвеститорите кон акциите, бидејќи со другите можности, на пример обврзниците, не може ништо да се заработи.

Можен берзански пад наесен

Американската федерална банка и јапонскиот БоЈ со месечното купување обврзници впумпуваат милијарди свежи пари на финансиските пазари. А Европската централна банка токму сега ја спушти референтната каматна стапка на рекордно ниски 0,5 проценти. Затоа големите играчи - банките и институционалните вложувачи - немаат друг избор освен да ги вложуваат парите во акции.

Но, некои познавачи советуваат на популарноста на акциите да им се пристапува внимателно. „Се подготвуваме за можноста за пад наесен. Реалната економија не може да држи чекор со пазарот на капитал“, изјави берзанскиот аналитичар Ѓузепе Амато од брокерската куќа „Ланг и Шварц“. Други експерти, пак, советуваат дека е најдобро да се остане смирен. Нивниот аргумент гласи: се’ додека во Европа постои должничка криза, останува и замката со реалните камати. Но кој воопшто верува дека должничката криза во Европа набрзо ќе биде надмината?