1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германско-кинеските односи стигнаа до точка на мрзнење

Тoa е оцена на кинески експерти. Вината и’ се префрлува на канцеларот Ангела Меркел. Заладувањето во политичката сфера засега не се одрази врз економската соработка, но не се исклучува ни влошување ни во таа област.

default

Ангела Меркел го прими Далај Лама во Берлин и со тоа особено ги налути Кинезите

Веќе два месеца тлее криза во политичките односи меѓу Германија и Кина. Несогласувањата ги предизвика средбата на канцеларот Ангела Меркел со тибетскиот водач Далај Лама во нејзиниот кабинет во Берлин. Кина тоа го означи како мешање во нејзините внатрешни работи и во меѓувреме откажа неколку планирани билатерални средби. Во кинеските весници има изобилство од извештаи за германско-кинеските односи. Канцеларот Ангела Меркел е изложена на остри критики.

Кинезите се најдлабоко разочарани од Меркел, вели Сун Кеќин од Институтот за меѓународни односи од Пекинг: „Кога Меркел стана канцелар, вистински ја респектиравме. За време на двете посети овде таа можеше да зборува за се’ што сакаше. Таа отворено зборуваше за човековите права, се сретна со активисти за човекови права – со сето тоа ние немавме никаков проблем. Но границата на подносливост е пречекорена со средбата со Далај Лама. Оттогаш односите драматично се заладија. Таа средба може да се означи како преломна точка“.

Со Меркел дојде до промена на германската стратегија

Но, политиката на Ангела Меркел беше критички набљудувана уште пред тоа. Од почетокот на 90-тите години, од времето на Хелмут Кол како канцелар, економските односи со Кина беа постојано унапредувани и тоа продолжи се’ до Герхард Шредер, претходник на Меркел. Тие и сега високо котираат, но сепак, германската стратегија се промени. Од доаѓањето на Меркел јасно и недвосмислено се поставува прашањето за човековите права.

Многумина во Кина сметаат дека е лошо што токму германски канцелар толку силно полага врз политика на вредности, вели Сун Кеќин: „Би сакала да предупредам: кога ние во Кина зборуваме за Јапонците и нивната улога во историјата, секогаш ја наведуваме Германија како добар пример за углед. Но, сега одеднаш германскиот канцелар им даде високо место на човековите права и постојано им го трие носот на Кинезите со тоа. Тогаш ние автоматски помислуваме: смее ли таа токму тоа да го избере како стратегија? Оти, само им се наметнува на луѓето овде да помислат на Хитлер и тогашната историја“.

Кина не е навикната на фронтална критика од Германците

Згора на се’, досега се сметаше дека Кина е земјата со која се прават зделки во Азија. Но, сега Меркел го посети најголемиот конкурент Индија и таму изјави: „Се ангажираме во Кина, а Индија е срамно запоставена“. За Кина, која сака економски и политички да биде сметана за број 1 во Азија, тоа беше удар в лице.

„Меркел постојано нагласува дека Кина е конкурент. Во нејзиниот мандат германскиот парламент, медиумите и владеачките партии постојано зборуваат дека Кина е закана и мора да ја преземе одговорноста. Германските медиуми се втурнаа во тоа дека Кина не дава заштита на интелектуалната сопственост и дека врши стопанска шпионажа“, вели Кеќин. Кина не е навикната на таква критика од Германците.

Стопанските односи не се засегнати - но до кога?

Кинески економски експерти, и покрај се’, велат дека политичкото ледено време меѓу Пекинг и Берлин нема да се одрази врз стопанските интереси. Сун Кеќин не може недвосмислено да каже дали така ќе остане: „Ние сакаме добри односи со Германија. Но, не е в ред ако вие мислите дека може така едноставно да ги удрите Кинезите в лице. Ние ги цениме германско-кинеските односи и не сакаме да се влошуваат. Сегашното запирање на билатералната програма е сигнал. Ако вака продолжи, тогаш во иднина ќе се влошат и германско-кинеските стопански односи“.

Петра Алденрат