1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германско кафуле доби правна битка против Епл

Нејзиниот случај привлече поддршка од целиот свет. Во битка „Давид против Голијат“, мало кафуле од Бон ја слави победата во спорот за логото, во кој го победи моќниот Епл. Корпорацијата можеби некако и ја постигна целта.

Таа сакаше да создаде простор каде родителите ќе можат да минат време со своите деца, да си играат заедно или едноставно да јадат зашеќерена вафла. Тоа беше место каде компјутерите, смартфоните и таблетите не играа никаква улога.

Кристин Ремер го отвори кафулето во Бон, во германската покраина Северна Рајна Вестфалија, во 2011. година и му го даде името „Еплкинд“ (Apfelkind). Логото на кафулето требаше да симболизира атмосфера во која додека децата си играат, родителите ќе можат да пијат кафе. Логото има заоблена форма на јаболко во кое има лик на дете.

Адвокатите на Епл прво се жалеа на обидот на Кристин Ремер да го регистрира своето лого во Германската служба за патенти и трговски марки во Минхен. Жалбата на Епл беше поднесена пред две години. По безбројни средби со адвокатите на Епл и бројни непроспиени ноќи, Ремер вели дека компанијата и’ понудила договор, но таа не сакала да го потпише. Ако го потпишела договорот, ќе и’ било забрането да произведува производи што се поврзани со компјутери, како што се торбите за лаптопи, на пример. Но, една реченица посебно и’ пречела на сопственичката на кафулето.

„Немаше да смеам повеќе да зборувам за ова и ќе можев само да кажам дека сум постигнала договор со Епл“, објасни Ремер за Дојче веле.

Таа не сакала да го стори тоа, бидејќи нејзините гости постојано прашувале како се одвива случајот. Кога првпат се појави случајот во јавност, приказната за кафулето Еплкинд стигна дури до јапонските медиуми. Така започнале да доаѓаат и се’ повеќе туристи, кои правеле фотографии од кафулето.

Café Apfelkind in Bonn

Сопственичката во своето кафуле Еплкинд

Дали Епл навистина го поседува јаболкото како заштитен знак?

На крајот од септември Епл добил одговор од германските власти задолжени за патенти. Логото Еплкинд на Ремер е официјално регистрирано.

„На почеток не можев да верувам. Не сметав на тоа воопшто. Среќна сум што ништо не потпишав. Сега сум слободна“, вели таа во разговорот за Дојче веле.

Епл има право да поднесе жалба на одлуката. Адвокатот специјализиран за патентно право Александер Булинг не верува дека компанијата од Калифорнија ќе оди толку далеку. Тој смета дека Епл веројатно не би сакал „официјално да загуби од Еплкинд“. Булинг вели дека иако претставништвото на Епл во Германија одбива да коментира за спорот, сепак ваквите случаи се вообичаени. Тој вели дека и покрај тоа што логото на кафулето не изгледа слично на она на компјутерската фирма, па оттаму и не беше веројатен успешен исход во случајот, сепак потегот на Епл можеби е пресметан, за на малите бизниси да им се прати порака дека треба да стојат подалеку од теми и логоа поврзани со јаболко.

Скапа добивка

Andreas Bulling, Patentanwalt

Александер Булинг, адвокат и универзитетски професор по патентно право

За да го добие случајот, Кристин Ремер инвестираше голем дел од своите пари во адвокат. Покрај бројните критики, таа сепак доби и безброј фанови.

„Добив толку многу прекрасни мејлови од целиот свет од луѓе кои ме поддржаа“, вели таа. Сопственичката на кафулето е благодарна за тоа и верува дека без медиумското внимание Епл можеби и ќе се однесувал на поинаков начин.

Со случајот оставен зад себе, таа конечно може да им се фокусира на плановите за нејзиното кафуле. Од самиот почеток таа се надеваше дека ќе отвори и второ кафуле во Минхен и ќе креира колекција на Еплкинд-продукти, во која би имало и линија на производи за деца.

Булинг, кој предава и патентно право на Универзитетот во Штутгарт, вели дека другите мали бизниси би требало да бидат внимателни. Факторот на ризик, според него, е многу висок.

„Ако Епл го добиеше случајот, тогаш Кристин Ремер ќе загубеше многу пари“, нагласува Булинг.