1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Германско знаење за подобри резултати на македонски спортисти

Семинар за македонски тренери и професори на врвен германски и светски експерт за специјална физичка подготовка, дел од соработката на националните олимписки комитети на Германија и на Македонија.

Професор д-р Дитмар Шмидблајхер, извршен директор на Институтот за спортски  науки на универзитетот Франкфурт, деновиве во Скопје на семинар им пренесе дел од своите знаења на македонски тренери и професори. „Ова не беше класично предавање, тоа беа интерактивни разговори и цело време сите присутни прашуваа. Прашањата кои беа поставени од тренерите беа на високо ниво и со нивната примена во практиката македонските спортисти во иднина треба да имаат многу подобри резултати. Верувам дека стекнатите знаења ќе бидат од голема корист за унапредување на спортот во Македонија‘‘, потенцира Шмидблајхер.

Негова специјалност се развој на сила и на издржливост, невро и мускулна адаптација, дијагностицирање и регулација на тренинг. Тој има развиено многу методи на тренинг за постигнување врвни спортски резултати, но и за рехабилитација по повреда. Има објавено над 400 научни трудови, работи со германските олимпијци, а работел и со спортисти од Кина, Австралија и други спортски  велесили.

Гостувањето на експерти е привилегија

Сашо Поповски, генерален секретар на Македонскиот олимписки комитет (МОК), за ДВ вели дека е голем успех и привилегија што МОК во Македонија го донесе врвниот експерт. Соработката со професор д-р Шмидблајхер ќе продолжи континуирано во текот на целата година преку разни видови на електронска комуникација, најави Поповски.

Проф д-р Метин Далип од  Државниот универзитет во Тетово и долгогодишен фудбалски тренер, еден од стотината учесници на семинарот, за ДВ вели дека новите сознанија многу ќе му користат во понатамошната работа со студентите, а посебно при тренинзите со спортисти: „Ќе се трудам наученото да го применам во пракса, за тие да постигнат врвни резултати‘‘.

Семинарот го организира МОК во соработка со Германскиот олимписки спортски сојуз (ДОСБ), владата и амбасадата на Република Германија во Скопје, а од нив доби и врвни реквизити, инструменти и друга спортска апаратура. За македонските тренери, професори и спортисти МОК веќе неколку години организира вакви стручни семинари, на кои досега учествуваа врвни експерти за атлетика, пливање, ракомет и спортска медицина од Германија.