1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Германското стопанство ќе се ангажира во спорот околу името

Проф. д-р. Рајнер Линднер е раководител на Одборот за Исток на Германското стопанство. Со Линднер за интересот на германските фирми за Македонија разговараше Зоран Јордановски.

default

Проф.д-р Рајнер Линднер

Дојче веле: Германското стопанство беше прилично  претпазливо што се однесува до инвестирање во Македонија. Ја открива ли тоа сега Македонија како земја за инвестирање? 

Рајнер Линднер: Мислам дека обете манифестации, во Минхен и овде во Диселдорф, дадоа силен импулс за шансите што ги нуди Македонија за германското стопанство во области што не‘ интересираат: развој на инфраструктурата, телекомуникациите, банкарскиот сектор, енергетската ефикасност и текстилната индустрија. Посетата на македонскиот премиер беше погодна можност да укаже на шансите за неговата земја која е во Светската трговска организација, која има договори за слободна трговија со различни земји во рамките на Цефта, која има релативно поволни царински и увозни услови – и, оттука, има добри перспективи. Пазарот, навистина, е мал, но од Македонија може да се гледа и кон околните земји.

Дојче веле: Беше ли ова само можност да се испита што нуди Македонија или имавте предвид и некои конкретни проекти?

Рајнер Линднер: Минатата недела со Дојче банк и други странски партнери беше потпишан проект за финансирање, се проверуваат и други проекти. Некои претпријатија веќе со успех работат во Македонија, како  фирмата „Кнауф“, лиферант на градежни материјали, или текстилни претпријатија како „Каза мода“ со преку две илјади работни места. Тоа се добри примери за понови германски инвестиции. Верувам дека посетата на премиерот ќе го сврти вниманието кај некои помали и средни претпријатија кон таа земја.

Дојче веле: Какво ехо добивате од германските бизнисмени, кои во изминатите години се ангажираа во Македонија – што сметаат дека е поволно и за што имаат забелешки?

Рајнер Линднер: Од оние кои се активни во Македонија имаме повеќе усни поплаки на корупција. Таму очигледно не се почитува секогаш еден кодекс на морално однесување, како битен принцип за претпријатијата, и потребна е нова иницијатива, за однесувањето на стопанствениците, а и на државните службеници, да се постави врз морална база. На пример, Индустриската и трговска комора во Москва поведе иницијатива за етичност и кај секој склучен договор за заедничко претпријатие или други заеднички проекти обете страни мораат да потпишат документ во кој се изложува дека нема неформални плаќања, немало процеси кои се спротивни на принципот на етичност. Ако се дознае дека сепак се случило нешто такво, предвидена е силна санкција, јавна дебата, па претпријатијата се повеќе заинтересирани зделките да ги реализираат чисто, отколку во печатот да бидат претставени како корумпирани. Сметам дека вакви и други иницијатви се важни, за земјите во трансформација да се навикнат на тие стандарди. Мислам дека и во Македонија мора да се сврти вниманието врз темата корупција и поенергично да се постапува против неа.

Дојче веле: Му укажавте ли на тоа на премиерот во разговорот?

Рајнер Линднер: На прашања од овој вид укажавме како на манифестацијата, исто така и на разговорот по неа. Притоа бевме информирани за актуелната состојба во спорот со Грција околу името. Германското стопанство сака посилно да се ангажира за нов приод. Ние сме многу заинтересирани земјата бргу да се доближи до ЕУ, на тој начин да биде поинтересно место за инвестирање и да понуди нова култура на правна сигурност за инвеститорите. За оваа тема повеќе ќе разговараме со политиката на германско и на европско ниво.

Дојче веле: А што германските бизнисмени сметаат дека е добро во Македонија?

Рајнер Линднер: Пазарот, иако мал, е во состојба да ги снабдува и соседните земји. Затоа е важно да се подобрат и да се развиваат добрососедските  односи со нив. Како транзитен простор, секако е многу важно градењето автопати за транзит на стоки во соседните региони. Во размената на стоки близината до другите земји е централна димензија на предноста на положбата Македонија и тоа треба натамошно да се развива, а како член на ЕУ би имала инакви шанси за пристап кон пазарите во соседството.

Дојче веле: Кои ќе бидат сега наредните чекори во насока кон Македонија?

Рајнер Линднер: На почетокот на март делегација на Одборот за исток на германското стопанство ќе патува во Скопје и се надеваме дека ќе бидеме информирани за нови проекти, за нови шанси што се нудат таму за германското стопанство. Ќе поканиме претпријатија да не придружуваат на ова патување и посилно да ги искористат можностите на земјата.

Автор: Зоран Јордановски

Редактор: Симе Недевски