1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Германското рударско чудо

Пред 800 години луѓето во германскиот регион Горен Харц почнаа да го создаваат можеби најголемиот прединдустриски систем за снабдување со енергија. Тој сега е внесен на листата на УНЕСКО за светско културно наследство.

default

Дел од хидросистемот во Горен Харц

Го нарекуваат „Воден регал“, а од денешна перспектива е речиси незамисливо дека човечка рака во далечниот Среден век со тогашните технички и технолошки помагала успеала да создаде темели за системот на мали акумулациски езера и канали кој има должина од преку 300 километри. „Станува всушност збор за човеково ремек- дело во рударството кое било создавано со векови и се наоѓа во многу добра состојба. 90 проценти од него се изградени пред 1750 година. Тоа е значи нешто грандиозно, што во ваква форма и вид го нема никаде на светот“, гордо вели министерката за наука на германската покраина Долна Саксонија, Јохана Ванка.

Впечатливо технолошко чудо

Oberharzer Wasserwirtschaft

Во Горен Харц има 149 мали акумулациски езера

„Водениот регал“ уште од 1978 година е под заштита како национален споменик на културата, а дел од него е и денес во погон за земјоделски и туристички цели. Тоа го увиде и УНЕСКО и го вклучи „Водениот регал“ на пописот на Светското културно наследство. Со тоа се зголемуваат шансите ова впечатливо технолошко чудо од прединдустриското време да остане зачувано. Системот за снабдување со вода од Харц се состои од 149 мали акумулациски езера, канали, 169 километри подземни канали и 30 километри со помали водопади.

Почеток на градбата во 13 век

Со овој систем се собирала и насочувала водата која ги придвижувала тркалата на водниците и така се обезбедувал енергија за рударскиот регион, пред се’ за дрвените пумпи и за транспорт на материјали. Системот започнале да го градат калуѓерите во манастирот Валкенрид во 13 век, а го надоградувале рударите со векови. Тој бил потребен бидејќи на подрачјето на Горен Харц немало ни реки ниту потоци.

„Никаде во светот нема толку многу историски брани и канали како тука во Горен Харц, кои биле создадени за снабдување со енергија на рудниците“, вели Јустус Тајке, претставник на водоводниот систем во Харц.

Автор: СН/ БГ/ дв/ дпа

Редактор: Александра Трајковска