1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Германското откривачко патување на Влада Урошевиќ

Македонскиот творец Влада Урошевиќ, вечерва е гостин на Хумболт Универзитетот во Берлин. Тука и во Лајпциг ќе се претстави дел од неговото творештво кое со многу љубов на германски го преведе Бенјамин Лангер

default

На прстите од раката можат да се избројат авторите од Македонија кои имале можност да се претстават пред академската публика на Хумболт Универзитетот во Берлин. Токму затоа возбудата е голема, како кај академик Влада Урошевиќ, така и кај неговиот млад и амбициозен преведувач Бенјамин Лангер. Урошевиќ бил чест гостин на литературните вечери во Франција, Белгија, Луксембург, Холандија, но ова е негово прво рандеву со германската публика.

Од Скопје до Словенското светилиште и назад!

„Не сум бил доволно во Германија и не ја познавам, така што ова ми е едно, да го наречам, откривачко патување! Ова патување и вечер ги правам во чест на татко ми кој беше географ и секогаш со воодушевување ми раскажуваше за истражувањата на Хумболт, велејки дека тој е татко на модерната географија”,кажува Влада Урошевиќ кој дека е на вистинско откривачко патување потврдува и неговата посета на словенското

Mazedonien Leipziger Buchmesse

Носталгичен хумор во творештвото на Влада Урошевиќ

светилиште Кап Аркона од 12 век на островот Риген, каде еднаш годишно доаѓале Словените од сите краишта да се поклонат пред врвниот бог Свантовит. Сега Светилиштетот не постои, но Урошевиќ вели дека таму се чувствува словенскиот дух кој веројатно ќе се рефлектира и во разговорот кој во Лајпциг ќе го има со младите македонски романсиери Роберт Алаѓозовски и Владимир Јанковски.

Пред публиката во Лајпциг Урошевиќ ќе прочита неколку песни и кратки прози кои во последно време ги пишува. Тоа се „мини-мини“ раскази од по една страничка, каде во згусната форма се обидува да направи интрига која ќе ги заинтересира читателите. Иако и натаму инспирацијата ја наоѓа во културата и македонските предели одговара и на прашањето: колку актуелниот миг за него е инспиративен?

„ Во моите кратки прози давам иронични коментари за она што ни се случува, сето она во кое упаѓаме гонети од целата ситуација во светот, но и поради своите слабости... Сето тоа ме побудува со еден благ хумор, со - да го наречам носталгичлен хумор да зборувам за некои нови појави, нови односи кои постојат кај нас. Живееме во еден свет кој страшно брзо се менува и Македонија е дел од тој процес" ,коментира Влада Урошевиќ кој е многу среќен што Бенјамин Лангер пројавил желба поопсежно да преведе на германски јазик дел од неговото творештво со кое практично се запознал во Скопје, каде неколку години работел како лектор и каде првапат започнал и да го учи и македонскиот јазик.

Преводи за своја душа

Mazedonien Leipziger Buchmesse

Преку расказите на Уровеиќ, Скопје му стана поблиско! Преведувачот Бенјамин Лангер

Лангер кажува дека преку тесктовите на Урошевиќ за Скопје, градот му станал уште поблизок. Почнал најпрво за своја душа и за неговите пријатели да преведува. Посериозно со оваа работа се зафатил по враќањето во Берлин, пред неполни две години.

Во Берлин и во Лајпциг ќе претставиме одломки од различни дела на Влада Урошевиќ. Еден расказ. Потоа дел од „Мојата роднина Емилија”, неколку песни и текстови од најновата книга „Седмата страна на коцката”, вели Бенјамин Лангер кој се’ уште е во потрага по германски издавач за творештвото на Урошевиќ, но е оптимист дека и оваа публика ќе ја има среќата и задоволството да го чита Урошевиќ. Го прашуваме: што е убаво, а што тешко при преведувањето на Урошевиќ на германски:

„Мене ми се допаѓаат сите текстови. Тешки се понекогаш некои турцизми, зборови кои ги нема во речник. Но, убаво е што можам да се јавам кај Влада и да прашам!" , истакнува Бенјамин Лангер.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Симе Недевски