1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германското злато се враќа дома

Германската Бундесбанка има златни инготи во вредност од речиси 140 милијарди евра, но голем дел од нив се наоѓа во странство - се‘ уште.

Германија е богата. Германија има злато, многу злато! Поточно кажано - речиси 3400 тони. Сојузната република ова богатство го натрупа во периодот по Втората светска војна, во времето на таканареченото економско чудо. Една третина од тоа богатство во облик на инготи (прачки н.з.) се наоѓа во Бундесбанката во Франкфурт, додека останатите две третини се во централните банки во Франција, Велика Британија и САД. Сега Бундесбанката сака постепено да го врати златото дома.

Актуелната вредност на златото изнесува 140 милијарди евра, што за нормалните граѓани е неверојатно голем износ. Затоа повеќето со голем интерес ја следат дискусијата околу тоа што да се прави со златните резерви - дали да се продадат, затоа што не носат камати или да се задржат како сигурност за лоши времиња?

Carsten Fritsch

Карстен Фрич

И покрај на прв поглед големиот износ, германските златни резерви за буџетот имаат подредено значење, вели Карстен Фрич од Комерцбанк за ДВ: „140 милијарди евра се малку ако се има предвид дека државното задолжување изнесува пет илјади милијарди евра. Но тие имаат висока субјективна вредност, затоа што златото важи како стабилна инвестиција, како алтернативна валута која во изминатите години доби многу приврзаници.“ Тоа важи не само за централните банки на индустриските земји и земјите во забрзан подем, нагласува аналитичарот. Само германското население, според проценките, има 7500 тони злато во приватна сопственост, или повеќе од двојно повеќе отколку златото со кое управува Бундесбанката.

Златото носи сигурност

За време на таканаречената Студена војна во 1950-тите и 1960-тите, во Германија владеешше страв од можен влез на Русија. За да се спречи златните резерви да паднат во рацете на непријателот, Сојузната влада ги подели во централните банки на западните земји победнички од војната - 374 тони се наоѓаат во Париз, 450 тони во Лондон и повеќе од 1500 тони во Њујорк.

Во минатото постојано јавно се спореше околу тоа шшто треба да се прави со златните резерви и дали резервите кои се наоѓаат во странство воопшто уште постојат. Карл-Лудвиг Тиле, кој е надлежен за златните резерви во Бундесбанката, нагласува дека лично во централните банки можел да се убеди дека сите германски резерви се чуваат според пропис.

По завршувањето на конлфиктот Исток-Запад златото веќе не мораше да се носи во странство за да се зачува од непријателски напади. Сепак, златните резерви и натаму исполнуваат две важни цели, нагласува Тиле: „Создавањето доверба во странство и можноста во случај на криза за најкусо можно време на местата за трговија со злато во странство, тоа да може да се размени во странска валута.“

Тоа за Карстен Фрич од Комерцбанк не е убедлив аргумент: „Во време на криза токму златото е најдобрата валута и зошто би требало да се продава, не ми е јасно.“

Сега Бундесбанката има намера комплетно да го повлече златото од Париз до 2020 година. Ваквата одлука, според Тиле, е донесена поради тоа што е се‘едно дали инготите се наоѓаат во Франција или Франкфурт, поради тоа што насекаде важи еврото како валута. Меѓутоа, важно е златото да се задржи во земји со силни валути како фунтата и доларот. Затоа во Лондон и Њујорк златото ќе остане, иако од САД Бундесбанката сака да повлече 300 тони. Кога точно тоа ќе се случи и како златните прачки ќе бидат транспортирани, не се соопштува - од безбедносни причини.