1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германски рецепт против економската криза

Германија ја презема улогата на европска локомотива на конјунктурата на патот кон излез од стопанската и финансиска криза. Како им успеа ова на Германците и ќе продолжи ли таквиот тренд и во иднина?

default

Германците не се познати како нација на оптимисти - тие по правило со одредена скепса гледаат врз постигнатото и постојано се прашуваaт дали тоа ќе опстои. Но, во моментов се’ е поинаку; канцеларот, политичари од опозицијата или сојузниот министер за стопанство - се’ едно, сите се задоволни.

„Германија економски стана пример за углед“, вели министерот за стопанство Рајнер Бридерле.

„Веројатно ќе имаме стапка на пораст од 3,4 насто годинава и речиси два процента во 2011“, најави канцеларот Ангела Меркел.

„Во Германија имаме подем кој ги надмина сите очекувања на таканаречените експерти“, коментира социјалдемократскиот парламентарец Гералд Дуин.

„Ме радува тоа што низ кризата поминавме подобро отколку другите“, истакна Франк-Валтер Штајнмајер, водач на опозиционите социјалдемократи.

Но, и покрај радоста, Германците не би биле Германци, ако не би анализирале попрецизно како успеа Сојузната Република толку добро да мине низ кризата. „Тука е, од една страна, иновативното стопанство со силно индустриско јадро. Тука се динамичниот среден сталеж, високоспособните работници, како и социјалното партнерство од доверба. Тоа е она, што може да го означиме како оживотворено социјално пазарно стопанство, кое, инаку, во останатиот дел од светот често пати по малку беше и исмевано. Сега, по кризата, многу земји од светот ни завидуваат токму поради тоа“, изјави Ангела Меркел.

Bundestag Steinmeier Merkel Flash

Инструментот наречен скратена работа

И навистина, забележливо добра беше поврзаноста на работодавачите и работниците во време на економската криза. Тоа го овозможи и Сојузната влада со решението да го продолжи на максимално 24 месеци користењето на инструментот наречен скратена работа. Во тој период вработените привремено не одат на работа, но не добиваат отказ, а примаат намалена плата која во еден дел ја покрива Сојузната агенција за вработување, а другиот го плаќа претпријатието.

За претпријатијата овој инструмент, како алтернатива за отпуштање од работа, е погоден само под одредени околности, објаснува Михаел Хитер, директор на Институтот на германското стопанство. „Германија ја доживеа кризата на индустријата, каде падот беше многу голем, како пауза во порастот, оти само таквата процена - за пауза во порастот, а не за структурен слом, објаснува зошто претпријатијата се определија за премостување со институтот скратена работа. Инаку, скратената работа е поврзана со енормни трошоци, дури и при целосно растоварување од социјалните придонеси. Седум евра за работен час за металната и електроиндустријата значеа севкупни трошоци од три милијарди евра. Тоа има смисла само кај оправдани очекувања дека е на повидок период на подем“.

Откаде произлегува оптимизамот на претпријатијата?

Тој веројатно се должи пред се’ на сознанието дека германското стопанство во изминатите години повторно стана значително поконкурентно. Беа спроведени генерални реформи на пазарот на работна сила и во социјалните системи, кои започнаа со Агендата 2010 на поранешната влада на социјалдемократите и Зелените на канцеларот Герхард Шредер, и беа забележливи уште пред кризата. Се разбира, битно е и дека германските производи и натаму се барани ширум светот.

Но, пред-, за време на кризата и по неа решавачка беше и е’ извозната ориентација, смета Волфганг Франц, претседавач на Советот на експертите за анализа на севкупниот економски развој. „Извозната ориентација е објаснение за обете работи - големиот пад и наглиот пораст на конјунктурниот развој во Германија. Со оглед на прогнозите за недостиг од стручни сили, пак, објаснение зошто изостана поизразит бран на отпуштања, е високиот удел на стручни сили во извозно ориентираните бранши“.

Flash-Galerie MiG Export

Какви се изгледите за во иднина?

Може ли извозната ориентација и во иднина да го носи конјунктурниот развој? Мора ли да се смета на нов пад, со оглед на проблемите кај европските соседи, кои се и најдобрите клиенти на германските претпријатија - сценарио на кое предупредуваат експерти? Се чини дека и тука Германија е на вистинскиот пат. Во последните месеци значително заживеа приватната побарувачка внатре во земјата. Германците се расположени да купуваат, оти се повеќе луѓе имаат работа, а со тоа и пари. Во октомври Сојузната агенција за вработување објави дека бројката на невработени падна под три милиони, а во ноември шефот на Агенцијата Франк-Јирген Визе констатира: „Порастот на вработеноста, според наша процена, станува се’ постабилен и поширок. Ова пред се’ се однесува на здравствениот и социјалниот систем, скратената работа, градежничкиот сектор, кој често пати е индикатор за економско опоравување. Вработеноста расте и во трговијата, сообраќајот и логистиката, како и во угостителството“.

Во браншите, во кои бизнисот оди добро, се навестуваат и повисоки плати. Позначаен скок е на место, смета и сојузниот министер за стопанство Рајнер Бридерле, кој досега не беше познат по залагање за социјалната компонента.

Автор: Сабине Кинкарц/ Зоран Јордановски

Редактор: Трајче Тосев