1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Германски печат: „Лустрација“ во Македонија

Македонскиот Уставен суд ја запре политизациата на обработката на минатото. Постои сомневање дали земјата ги исполнува условите за успешно расветлување на улогата на поранешните соработници на тајните служби.

Македонскиот Уставен суд вторпат критички се изјасни за „лустрациските закони“ на национално-конзервативната влада на Никола Груевски, пишува весникот „Ноје цирхер цајтунг“.

„Владата, која е на власт пет и пол години, од законот искова оружје против опозицијата и против критичките гласови воопшто. Таа го прошири важењето на законот на постсоцијалистичкиот период по прогласувањето на независноста во 1991-ва година. Освен тоа, изјави дали соработувале со екс-тајните служби треба да дадат не само државните службеници, туку и новинарите, свештениците, професорите и другите личности од јавниот живот. Токму ова проширување е спорно за Уставниот суд.

Според медиумите, кај Комисијата за лустрација досега стигнале околу десет илјади вакви изјави. Четири илјади се веќе обработени, а во 26 случаи е подигнато обвинение. Еден поранешен уставен судија е правосилно осуден, а неговата жалба е проследена до Европскиот суд на правдата. Значи, правниот резултат на законите е посен. Тоа и не зачудува. Зашто, за време на распадот на Југославија во 90-те години во архивите на тајните служби се уништени многу од документите, а други украдени за во некои прилики да се врши уцена на политичките противници. Документацијата не претставува верна слика на соработниците на тајните служби, констатира „Ноје цирхер цајтунг“.

Послушни медиуми

„Политичката корист од ’лустрацијата’ е дотолку поголема. Така во Македонија се водат периодични кампањи против оние кои се критички настроени против владата, на кои им се подметнува антипатриотизам и ’комуњарство’.

По затворањето на телевизијата А1 во летото и откако германската ВАЦ- групација ги продаде своите весници на еден домашен финансиер, владата располага со главно послушно медиумско поле. Аналитичарите во Скопје веруваат дека владата ужива голема поддршка кај народот со нејзината кампања против ’довчерашните профитери’.

На нишанот моментно се наоѓаат две познати личности-Владимир Милчин и Љубомир Фрчкоски. Милчин, театарски режисер и директор на Фондацијата Сорос во земјата, во 90-те години беше во претседателството на Социјалдемократската партија. Тој е обвинет дека во 80-те години бил полициски доушник. Фрчкоски од 1992-ра до 1996-та година беше министер за внатрешни работи и наводно наредувал илегални прислушкувања и следења. Двајцата се остри критичари на владата, која ја обвинуваат за изолација на земјата кон надвор и за внатрешна поделба. Лустрацијата во Македонија нема добар имиџ. Она што нејзините поборници го наведуваат како цел на процесот-стабилна демократија и правна држава, всушност се чини е негова претпоставка“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“.

Хрватски проблеми со парите од ЕУ

Властите на Хрватска, која пристапува во ЕУ во 2013-та година, прилично небрежно ги користеле парите од ЕУ-околу една милијарда евра досега, критикува Европската служба за надзор над финансиското работење во посебен извештај, пишува весникот „Ди пресе“.

„Постојат големи проблеми при распределбата на парите од европските пристапни фондови, критикува извештајот од Брисел. Така на пример во Хрватска за ракувањето со структурните фондови не биле обучени првобитно планираните илјада лица, туку само 90.

Во случајот со посебно важната програма за поддршка на земјоделството, локалното претставништво на Комисијата во Загреб дури по четири години открило дека хрватската влада води практично иста програма, но многу поевтина. Во Хрватска од 2001-ва до 2006-та се префрлени околу 195 милиони евра. До крајот на 2013-та предвидено е годишно да стигнуваат 150 милиони евра. По пристапот во ЕУ, Хрватска има право на годишни субвенции од ЕУ во износ од 1,18 до 1,37 милијарди евра. Тоа се многу пари за една сиромашна држава.

Хрватска, европските претпристапни фондови ги користи од 2001-ва година. Но, во обидите за целисходна употреба на парите за модернизација на државата и поттикнување на економија, некои работи оделе наопаку. На пример, во создавањето транспарентен систем за распределба на јавните тендери во 2007-ма година бирото на ЕУ во Загреб одбило 60 проценти од доставените барања од страна на хрватските власти, една од главните причини-корупцијата.

Во празно вртат и сите обиди за модернизација на хрватската економија. Во повеќе окрузи ЕУ создаде „партнерства за вработување“. Оваа помош за самопомош меѓутоа нагло запре откако ЕУ во 2008-ма го прекина проектот за финансирање на вработувањето, очигледно хрватските власти немале ниту пари ниту интерес да го продолжат.

Една од малкуте светли точки во поддршката на борбата против корупцијата и организираниот криминал-во 2001-та година за оваа цел формитаната служба Ускок во 2002-ра и 2007-ма доби специјална европска поддршка, која во 2009-та ги даде првите резултати, „зашто беше пријавен голем број корупциски случаи“, констатира извештајот на Европската служба за контрола над финансиското работење, пренесува „Ди пресе“.

Автор: „Ноје цирхер цајтунг“/ „Ди пресе“/ Ж.Ацеска

Редактор: Борис Георгиевски