1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Германски парламентарци бараат Македонија да почне преговори со ЕУ

На синоќешната расправа за патот на Македонија во ЕУ, што се оддржа во Берлин, се слушна и една новина: пратениците од Комисијата за ЕУ на Бундестагот бараат побрз почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.

"Не сме перфектни, но сме добри и доволно добри за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Критериумите од Копенхаген се јасна основа за кандидатскиот статус, но под услов и земјата претендент и ЕУ  истите да ги почитуваат и да не поставуваат нови услови “. На ваквата реалноста за Македонија  на нејзиниот пат кон ЕУ синоќа  во Берлин потсети амбасадорката  Корнелија  Утевска – Глигоровска која ја отвори дисусијата за жешката тема. Како домаќин на расправата таа се осврна на 20-те години македонска независност, главните станици на патот на евро-атлантските интеграции и спорот со името.

Makedonien auf dem Weg in die EU

Желбата за побрз пат на Македонија кон ЕУ не е лош знак! Јохан Вадефул, ЦДУ

„Решението лежи во билатералните преговори меѓу Македонија и Грција. И точка! Тоа е политичката реалност и не треба многу да се филозофира. Како пријател на Македонија велам дека земјата може многу да направи за да го зголеми притисокот врз ЕУ со тоа што ќе ги сработи внатрешните реформи“.  Ја кажа старата позната формула и Јохан Вадефул од ЦДУ, член на Комисијата за ЕУ во Бундестагот .

Заостанувањето – неправда за Македонија!

Осврнувајки се на напредокот на земјите од регионот на европскиот пат и  забавеноста на Македонија поради спорот со Грција,  Вадефул  кажа и нешто ново. Смета дека  Македонија не смее понатаму да заостанува. Не смее да се дозволи асиметрија зашто тоа ќе доведе до затегнатост, а би било и неправда кон Македонија.#

Makedonien auf dem Weg in die EU

Поголем политички пристап кон пресудата од Хаг побара Ута Цапф, СПД

„Затоа сите фракции во Комисијата за Европска унија на Бундестагот  изјавија дека посакуваат  Македонија сега да може брзо да продолжи по европскиот пат  и колку што е можно побрзо да започнат и  пристапните преговори со ЕУ. Во актуелната ситуација,  ова воопшто не е лош знак  што покажува дека Германија е на ваша страна“, подвлече Јохан Вадефул.

За политички пристап кон пресудата од Хаг се заложи и Ута Цапф, социјалдемократ и пратеник во Бундестагот. Според неа во НАТО и ЕУ сега мора да им се каже на Грците дека не може понатаму да блокираат. Таа смета дека е важно во извештаите на ЕУ за Македонија да се видат дефицитите и на нив да се поработи. Тука таа ги посочи: односот кон медиумите и кон странските дописништва.

Душан Рељиќ, пак, од Фондацијата за наука и политика под лупа ја стави економијата на Македонија и нејзината поврзаност со грчкото стопанство.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM