1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Германски на иднината

Германскиот јазик се менува. За некои е тоа нешто што се подразбира, за други е невообичаено. Причина за Гете-институтот да посвети цела низа собири на тема - иднината на германскиот јазик.

Јоханес Еберт од Гете-институтот всушност би можел да биде сосема релаксиран, затоа што по повеќегодишна стагнација, интересот за германски јазик ширум светот е голем. Списоците на заинтересираните за германски јазик во Германија и странство стануваат се‘ подолги. „Во моментов имаме речиси 250.000 учесници на курсевите“, вели генералниот секретар на институтот. Интересот е особено пораснат во Шпанија и Грција, зашто многумина млади Европејци се надеваат на подобра професионална иднина во Германија.

Осумдесет проценти Германци велат: За германскиот јазик мора да се направи повеќе

Заклучокот значи би можел да гласи: „Германскиот е ин“, или на германски кажано: „Германскиот е баран“, барем кај оние што сакаат да учат германски. Но како е кај луѓето чиј мајчин јазик е германскиот? Колку се тие задоволни од јазикот и неговиот развој?

Symbolbild Deutsch als Fremdsprache

Се‘ поголем интерес за учење германски

Една истражувачка група од Институтот за германски јазик дојде до заклучок дека речиси 80% од Германците се на мислење оти за јазикот мора да се направи нешто повеќе. Значи, сепак нема причина за релаксираност?

„Забележуваме дека Германија станува пошаренолика и дека нашиот јазик се менува“, нагласува Јханес Еберт. Тој седи на подиум меѓу експерти кои секојдневно се занимаваат со германскиот јази и неговите промени - лингвисти и експерти за литература. Почнува цела низа собири и манифестации кои Гете-институтот му ги посветува на германскиот јазик и неговата иднина. Сето тоа под мотото „Германски 3.0“.

Организаторите, меѓу кои и издавачот на речници и правописи Дуден и Институтот за германски јазик, планираат 25 манифестации во Германија и странство. Притоа, во фокусот ќе бидат четири теми: дигитализација, глобализација, економија и јазик, како и германски како јазик на науката.

Logo Goethe-Institut

Гете-институтот почна низа собири на тема - германски како јазик на иднината

Организаторите сакаат да ги лоцираат предизвиците со кои е соочен германскиот јазик во овие сфери. Веќе сега тие се единствени во ставот дека има многу сили кои можат да влијаат врз германскиот јазик и да го променат.

Дел од тоа е користењето на новите медиуми. „Фејсбук, СМС и Твитер го менуваат начинот на којшто комуницираме“, нагласува Јоханес Еберт. Слични промени носи и глобализацијата. Зашто со тоа што животната средина станува се‘ поинтернационална, луѓето се опкружени со многу јазици и се користат се‘ повеќе англиски зборови, така што во секојдневниот германски јазик се зацврстуваат и се‘ повеќе англицизми. Но дали е тоа лошо?

Англиски версус германски?

Експертите гледаат проблем во сферата на германскиот како јазик на науката. Зашто науката се‘ помалку го користи германскиот јазик. „Резултатите од истражувањата се‘ повеќе се презентираат на англиски јазик, а и јазикот на којшто се одржуваат научните конгреси е англиски“, вели претседателот на Бундестагот Норберт Ламерт, кој е покровител на низата собири за германскиот јазик и го одржа поздравниот говор.

Мориц Кралеман од Сојузот на фондации за германската наука оди дури и чекор подалеку и прашува: „Ако науката го користи само англискиот јазик, може ли тоа да доведе до тоа да не може да му се обрати на општеството?“

Други на ова гледаат поопуштено. „Јазикот отсекогаш се менувал“, нагласува професор Лудбиг Ајхингер, директор на Институтот за германски јазик. А околу стравот дека германскиот јазик страда од користењето на социјалните мрежи тој вели: „По електронски пат не комуницираат само младите, туку и постарите професори како мене.“ Во новиот вид на комуникација некогаш ќе настапи рутина, која ќе се вгради и во нормалниот систем на јазикот.

Како ова да се каже на германски?

Што се однесува до рутината... Со оглед на тоа што собирот беше сосема во знак на германскиот јазик, водителите и говорниците се обидуваа во своите излагања да не користат англицизми и други странски зборови. И тоа не им успеваше секогаш. На пример, водителот Џо Шиц, во момент кога сакаше да го најави филмот за серијата „Германски 3.0“ праша: „А како всушност на германски се вика трејлер?“. Од публиката му беше одговорено: „Рекламен филм“. Значи, сепак може.