1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Германски надежи за Оскар

Германците годинава се надеваат дека ќе ја освојат престижната филмска награда Оскар во неколку категории. Шансите тоа да им се оствари не се мали.

default

Плакатот на филмот „Баадер Мајнхов комплекс“

„Бадер Мајнхов комплекс“ е најпознатиот германски филм во годинешнава трка за Оскар. Тој е номиниран меѓу петте најдобри во категоријата филмови од странско говорно подрачје. Спектакуларната драма за бранот на левичарски тероризам во Германија им се допадна на Американците. Тоа и не е за чудење со оглед дека филмот на режисерот Ули Едел и продуцентот Бернд Ајхингер е навистина професионално направен, полн е со акција, а во него глумат најголеми филмски ѕвезди. Додуша филмот во Германија наиде на поделени мислења. Многумина му забележуваат дека е премногу ориентиран на акција, а малку ја разработува димензијата на вистинските настани коишто всушност и беа инспирација за филмот.

Во истата категорија влезе и уште една германска продукција - „Валцер со Башир“. Овој филм го потпишаа двајца продуценти од Берлин, а во него се обработува една многу потресна епизода од војната на Блискиот исток.

14.11.2008 DW-TV Kultur.21 Waltz with Bashir

„Валцер со Башир“ е потпишан од двајца германски продуценти

Станува збор за масакрот во палестински бегалски камп во 1982 година. Филмот доби извонредни критики. Режисерот Ари Фолман е од Израел, а филмот го снимил според лична приказна. Исто така, одличната музика за филмот ја напиша Германецот Макс Рихтер.

Во трката се и еден документарец и два краткометражни филма

Германските филмаџии може да се надеваат на Оскар и во категоријата „Најдобар документарен филм“. Вернер Херцог којшто со години работи во САД, е номиниран за престижната награда за документарецот „Средби на крајот на светот“. Во филмот се зборува за работата на еден истражувач во поларните подрачја. Овој филм ги остава гледачите во недоумица околу тоа дали животот и работата на истражувачот е само едноставно документиран или можеби сепак и Херцог имал влијание врз нивното секојдневие, за да успее да го сними филмот.

Oscar Film Award

Престижната филмска награда Оскар

Исто така дури две германски продукци успеаја да се пробијат во категоријата „Најдобар краткометражен филм“. Режисерот Јохен Александар Фрејданк во филмот „Земја на играчките“ зборува за мајката и синот, и нивните соседи Евреи во времето на националсоцијализмот во Германија во 1942 година. Приказната во филмот „На патот“ е пак за еден детектив кој работи во стоковна куќа и се вљубува во една продавачка. Кога неговиот соперник ќе стане жртва на насилство, тој поради љубомора не презема ништо.

„Сакавме да раскажеме една речиси невозможна приказна, и размислувавме како може да постигнеме една таква констелација во која двајца ќе се тресат од вина, ама не можат да ја кажат вистината. Тоа една безизлезна ситуација: ако ја каже вистината ќе ја загуби личноста што ја сака. Ако не ја каже вистината ќе пропадне. Тоа беше основната идеја,“ раскажува режисерот Рето Кафи.

„Читачот“ - последна надеж

Ако ниту еден од овие филмови не успее да го освои Оскарот, тогаш останува надеж во драмата „The Reader“ или „Читачот“. Филмот е номиниран во категоријата за „Најдобар филм“ и е во американска продукција, но е снимен по истоименото дело на Бернхард Шлинк, а добар дел од актерската екипа се Германци. Дури и главниот глумец и партнер на светски познатата глумица Кејт Винслет во филмот е Давид Крос, млад глумец и надеж на германската кинематографија. Освен тоа и самиот филм е снимен во Германија, во Горлиц.