1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германски критики за изборите во Русија

Германските парламентарци го критикуваат реизборот на Владимир Путин за руски претседател. Тие сметаат дека тој нема да ја реформира земјата и ќе продолжи автократски да владее

default

Владимир Путин

Претседателските избори во Русија беа цинични, гласи првичниот коментар на повереникот на германската влада за Русија, Андреас Шокенхоф. Тој смета дека резултатите биле познати уште пред четири месеци, но руските граѓани таквиот исход, според Шокенхоф, не го прифатиле.

„Во Русија денес на улиците излегува образованиот среден слој и бара промени. Но, Путин сака да задржи статус-кво по секоја цена. Тој вели дека сака стабилност. Но, стабилност во еден свет кој постојано се менува значи застој, тоа е назадување“, вели Шокенхоф.

Гернот Ерлер, вториот човек на опозицискиот СПД во парламентот, очекува дека и по победата на Путин протестите ќе продолжат.

„Верувам дека во иднина ќе го видиме Путин под постојан притисок“. Притисокот за спроведување реформи, борба со корупцијата, модернизација, технолошки развој и изградба на цивилното општество ќе биде многу голем, прогнозира Ерлер.

Сигнали на новото време

Пратеничката на Зелените, Марилуизе Бек се надева дека Путин ќе ги препознае сигналите на новото време. Тоа, според неа, ќе значи остварување на барањата на граѓаните за поголема демократија, отвореност на општеството и слобода на медиумите.

Andreas Schockenhoff CDU Baden-Württemberg

Андреас Шокенхоф

Рајнер Штинер од Либералната партија потсетува дека во текот на предизборната кампања, Путин не говорел за внатрешна модернизација на Русија, туку, во прв ред, за надворешно-политичкото значење на земјата.

„Тој говореше за голема програма за вооружување, кој е невозможно да се финансира“, вели Штинер.

И Волфганг Герке од Левицата со скепска гледа на идеите на Путин за возобнување на славата на Црвената армија. „Во Европа ни е потребно разоружување, а не ново наоружување“, вели Герке.

Шокенхоф дополнува дека желбата на Путин е повторно да ја изгради Русија во светска суперсила, додека Штинер прогнозира оти нема да успее ниту неговата идеја за изградба на Евро-азијска унија.

Дијалог со цивилниот сектор

Marieluise Beck

Марилуизе Бек

Од друга страна, никој од германските политичари не очекува ниту појава на „нов Путин“ за време на третиот мандат. Марилуизе Бек тврди дека токму „контролираната демократија“ која е централно контролирана е причината за убедливата победа на Путин на изборите и за неможноста на опозицијата да делува, ниту да биде негова сериозна алтернатива.

Шокенхоф смета дека во иднина треба да се отвори дијалог од страна на ЕУ и Германија, но не само со политичката и стопанска елита на Русија, туку со широките слоеви на цивилно општество во земјата. Пред се’ преку соработка со градовите, студентските движења, размена на млади, итн.

„Внатрешното модернизирање мора да го вклучи целото општество. Ние не смееме да се ограничиме само на официјалните релации“, заклучува Шокенхоф.

Автор: Маркиан Остапчук/Б.Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска