1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Германски аналитичари: Опасност од назадување во Македонија

Тројца експерти и познавачи на Македонија за ДВ велат дека Комисијата овој пат јасно бара Европскиот Совет да ја прифати петтата препорака, со што би започнал скрининг процесот, а паралелно би се решавал спорот со името

Политиколозите и познавачите на регионот различно „го читаат“ Извештајот за напредокот на Македонија. Но, тие се единствени, дека документот е мошне прецизен, детален и фер. Во принцип станува збор за извештај со „позната“ материја, во кој се чувствува фрустрацијата на Комисијата што нејзиниот предлог со години не се „есапи“ од страна на Европскиот Совет. Има и редица забелешки, речиси во сите поглавја кои го анализираат реформскиот процес во Македонија.
„За размисла е што Комисијата во конкретниот случај можела да даде многу понеутрален извештај за Македонија. Но, не го направи тоа и дава петта препорака што е уште еден сигнал дека сака поенергично да се работи на проширувањето, дури и кога тоа е чекор по чекор, а не од денес за утре“, констатира во разговор за ДВ експертот за Балканот проф. др. Ханс - Јирген Акст. Детално го разгледал документот и според него повеќе станува збор за „извештај за мирување, за застој“. Вака го толкува зашто, како вели, нема поместувања во решавањето на спорот околу името со Грција, а поради него нема напредок ниту во евроинтеграцискиот процес.

Heinz-Jürgen Axt

Комисијата до Европскиот совет дава добар предлог за Македонија. Проф.др. Хајнц-Јирген Акст


„Мора да се каже дека Европската комисија дава добар предлог: Се бара почеток на пристапниот процес и решавање на спорот околу името во раниот стадиум на преговорите. За овој предлог на Комисијата вреди да се размисли зашто дава можност за напредок. Владата во Скопје, исто како и онаа во Атина добро знаат дека пристапните преговори во секој момент можат да бидат прекинати. Затоа, сметам дека има доволно можности да се направи притисок врз двете страни за да се постигне подготвеност за компромис. Од она што се гледа во Македонија, останува впечатокот дека земјата порадо има поглед кон минатотот во антиката ( пример Скопје 2014) одошто кон многуте задачи кои мора да се решат и кои не се завршени. За жал, мора да кажам дека недостасува и импулсот кој би морало да го има од страна на Европската Унија за да може да се исчекори нанапред“, смета проф. др. Ханс-Јирген Акст.

Јасни пораки

„Во петтата позитивна препорака за отворање на пристапните преговори со Македонија Комисијата е многу јасна и директно критична кон Европскиот Совет. Во Извештајот експлицитно му укажува на Советот дека се доведува во прашање целокупниот кредибилитет на проширувањето и дека очекува Советот конечно ќе ја исполни својата одговорност и поради позитивните извештаи ќе ја награди Македонија. Се кажува дека постои Дијалогот на високо ниво кој како инструмент и меѓу решение според Комисијата ги исцрпило своите можности. Ова значи дека мора да се направи наредниот чекор - да се отворат пристапните преговори. Комисијата за првпат, сега сосема јасно вели дека е подготвена да го започне скринингот, односно наредниот чекор од пристапниот процес без официјално отворање на преговорите. Ова може да биде мошне интересна ситуација во наредниве неколку недели и би значело дека доколку Советот не е во состојба и нема волја да донесе одлука за Македонија, тогаш Комисијата самата би започнала со скрининг“, коментира за ДВ др. Оливер Шварц, експерт за европска политика од Универзитетот Дуизбург-Есен.
За вистинско развдвижување на интеграцијата на Македонија др.Шварц очекува и посакува концентрирана акција од повеќе организации.

Oliver Schwarz Experte für EU Erweiterung Universität Duisburg-Essen

Преку ангажман на „тројка“ - форсирање на решението за името. Др.Оливер Шварц


„Не е во прашање само спорот со името и чувствителноста на двете страни. Во меѓувреме е доведен во прашање кредибилитетот како на Унијата, така и на НАТО. Овие институции се залагаат за стабилност. Македонија мора да стане нивна членка што во моментов е невозможно. Од друга страна, под покровителство на Обединетите нации преговарачот Нимиц со децении е активен, но без некој резултат. Има значи повеќе организации кои би можеле да се обединат во една „тројка“ која би ги форсирала преговорите за решение на спорот со името.Треба да се размисли и дали Комисијата не треба да испрати јасен сигнал до Министерскиот совет за опструкцијата на Грција, со што би се навело дека новите блокади не може повеќе да се толерираат“, објаснува др. Шварц. За него новата статус-кво ситуација е исклучително ризична. Сега има предлози и за нови кандидати, како на пример Албанија. Доколку се случи Албанија да ја претрка Македонија во процесот на интегрирањето, ова би било многу критично за меѓуетничките односи. Жешки ситуации сигурно не посакуваат ни Унијата, ниту НАТО, а сигурно не и Грција.
„На самитот во Солун, во 2003 година, беше даден сигнал за европските перспективи на сите држави од Балканот. Затоа сум вчудоневиден што во приоритетите за претседателството на Грција со Унијата го нема проширувањето?! Ваквата агенда не верувам дека ќе мине и сметам дека оваа тема ќе се наметне самата по себе поради што и ќе мора да бидат донесени и конкретни одлуки“, подвлекува за ДВ др.Оливер Шварц од Универзитетот Дуизбург-Есен..

Поместување на тежиштата

„ Гледајќи ги не само одделните извештаи за земјите, туку и стратегијата околу проширувањето која на Европскиот Парламент му ја предлага Комисијата мислам дека има поместување на тежиштето. Сега во центарот се економските и социјалните теми. Ова е така зашто економската криза во регионот кај

Dusan Reljic

Економските и социјалните теми сега имаат посебно значење. Др. Душан Рељиќ

потенцијалните членки трае непрекинато од 2008-2009 година, со слаби изгледи за скоро надминување. Затоа мислам дека Европската комисија овој пат во извештаите за напредок посвети посебно внимание на кој начин би можела да помогне во надминувањето на економската криза. За Македонија, меѓутоа, клучен останува договорот меѓу Атина и Скопје околу името, а во извештајот се наведува и новиот билатерален спор меѓу Скопје и Софија, кој во некој момент може да се покаже како пречка“, подвлекува за ДВ др.Душан Рељиќ, експерт за Балканот и раководител на бирото во Брисел на германската Фондација за наука и политика.
Тој е категоричен дека Комисијата низ различни форми како на пример Дијалогот на високо ниво сака да го помести процесот од мртва точка, макар и само со технички напредок и усогласување на законските прописи во ЕУ и Македонија. „Тапкањето“ во место и вртењето во круг, според Рељиќ не е добро.
„Секаде каде постои стагнација има и назадување. И тоа не само во класичен политички смисол. Македонија над 70 проценти од извозот го има со четири-пет држави од ЕУ. Доколку нема напредок, Македонија ќе бара повеќе инвестиции, повеќе трговија со држави надвор од ЕУ: со Кина, со Турција, со Индија и со било кој друг партнер. Што повеќе се засилува економската соработка со земјите кои не се во Европската унија, сѐ повеќе се поместуваат и политичките тежишта, со што попушта силата на привлечноста на ЕУ што секако има и политички импликации. Кога Кина тргува со некоја земја не го поставува прашањето на политичката демократија и функционирањето на институциите по урнекот на ЕУ“, констатира за ДВ др. Душан Рељиќ.