1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германските социјални системи пред колапс?

Прераспределба одозгора надолу - Сојузот на организации и установи од социјалната и здравствената сфера бара повеќе пари од државата за социјална политика. Богатството треба повеќе да се оданочува, бара сојузот.

Германија е социјална држава стои во Уставот, во членовите 20 и 28. Што значи тоа може да се види ако се фрли поглед врз буџетот. Годинава речиси 145 милијарди евра, или речиси половина од буџетот, ќе отидат во сферата социјална сигурност, семејство, млади и политика на пазар на работна сила. Во иднина, меѓутоа, овој износ нема да биде доволен, оценува Сојузот на организации и установи од социјалната и здравствената сфера.

Студијата што ја направи сојузот, кој опфаќа над 10.000 организации и установи, содржи модел-пресметка со која е утврдено дека годишно се неопходни 35 милијарди евра повеќе во оваа сфера. „Без целни и јасни инвестиции, социјалната држава, каква што имаме денес, во иднина веќе нема да функционира“, предупредува Ролф Розенброк, претседател на Сојузот на организации и установи од социјалната и здравствената сфера.

Гола егзистенција

Сојузот гледа потреба за итно дејствување во осум социјално-политички сфери: „Станува збор за апсолутно неопходниот минимум, а не за каталог на желби“, нагласува Розенброк. Според студијата, лицата кои се приматели на таканаречената „Харц 4“-месечна помош од државата (социјална помош, н.з.) би требало да добиваат 464 евра во иднина (во моментов помошта изнесува 382 евра).

За целата сфера - егзистенцијален минимум и избегнување сиромаштија на старост неопходни се 6,1 милијарда евра годишно повеќе. За станарини и енергија на лицата кои се приматели на социјална помош се неоходни 5,2 милијарди евра годишно повеќе отколку што се издвојува во моментов, а за сферата нега, според студијата, потребни се дополнителни 8,7 милијарди евра. „Станува збор за гола егзистенција. Не се работи за добри дела кон сиромашните, туку за одржување на животниот стандард во Германија и задржување на нејзината економска позиција“, вели Розенброк.

И партиите се за реформи

Сојузот оценува дека неговите барања се во основа на иста линија со изборните програми на партиите застапени во Бундестагот. Сите сфери наведени во неговата студија се појавуваат практично во сите партиски програми. „Меѓутоа, она што паѓа в очи е што се наведуваат многу теми, а има малку бројки. Оттука, сметаме дека изборните програми, онакви какви што се во моментов, не го исполнуваат, според нас неопходниот, критериум за искреност“, оценува Розенброк. Оној што во кампањата бара реформи или дава ветувања, мора да стои зад тоа дека тие чинат пари. „Мора да има цифри за трошоците и мора да се каже од каде ќе дојдат парите за финансирање на реформите.“

Богатите треба да плаќаат

За Сојузот на организации и установи од социјалната и здравствената сфера е неспорно дека социјалните реформи треба да се финансираат од зголемување на даноците. „Дали има услови за тоа? Може ли да се направи прераспределба без некому сериозно да му биде разнишана благосостојбата? Одговорот на ова прашање е јасно ДА!“, вели Розенброк.

Социјалдемократите и Зелените со своите предлози илустрираат како со воведување данок на имот, со зголемување на данокот на наследство или со воведување на данок на берзански трансакции може да се добијат трицифрени износи во милијарди евра. „Пред неколку години не можеше ниту да се претстави со каква леснотија денес може да се земаат вакви даноци. Сега тие се предмет на дискусија и можат да се претстават.“ Ако кон тоа се додадат средствата кои би се добиле со засилена борба против даночните измамници, а кои според германскиот синдикат на вработените во финансиската управа изнесуваат 40 милијарди евра, додека според проценките на ОЕЦД се во висина од 168 милијарди евра годишно, тогаш просторот за дејствување би бил уште поголем.