1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Германските социјалдемократи пред избор

Два месеца по лошиот изборен резултат, социјалемократите на партиски конгрес во Лајпциг избираат ново раководство. За евентуалната коалиција со канцеларката Меркел меѓутоа ќе одлучува партиското членство во декември.

Социјалдемократите (СПД) во Берлин сѐ уште се зафатени со коалициските преговори и сѐ уште не е јасно дали ќе дојде до т.н „црно-црвена“ односно голема коалиција со Христијанско-демократската и Христијанско-социјалната унија (ЦДУ и ЦСУ). Во меѓувреме, претставени се првите резултати од бројните преговарачки рунди, но тие се скудни и се многу далеку од изборните ветувања на СПД, така што во моментов е под знак прашање дали на тој начин може да се убеди партиската база. А таа во декември ќе гласа за можната коалиција со партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ). Членовите на СПД треба да пресудат за коалицискиот договор со демохристијаните.

Лоши искуства со големата коалиција

Одлуката која треба да ја донесе партиската база воопшто не е лесна. Таа и онака е дистанцирана од големата коалиција, а делови од членството дури и отфрлаат таква можност. Многу членови на СПД стравуваат дека во големата коалиција повторно ќе биде нарушен профилот на партијата и оти на наредните парламентарни избори во 2017 година социјалдемократите ќе минат уште полошо отколку на изборите во септември годинава, кога освоија само 25,7 насто од гласовите.

Fortsetzung der Koalitionsverhandlungen - Arbeitsgemeinschaft Finanzen

Преговорите за т.н. голема владина коалиција се во полн ек

Освртот на изборниот резултат од 2009. година , по четири години во голема коалиција на чело со канцеларката Ангела Меркел, ги оправдува тие стравувања. Тогаш СПД доби само 23,3 насто од гласовите. Во споредба со 2005 година кога беа речиси изедначени со ЦДУ, тоа е загуба од 10 насто и нивни најлош резултат од основањето на Сојузна Република Германија. Тоа беше шок за најстарата демократска народна партија во Германија.

Отворање кон Левицата

Левото крило на СПД бара отворање кон Партијата на левицата. Таканаречената „црвено-црвена“ соработка на сојузно нив не треба повеќе да биде игнорирана, вели претседателот на берлинскиот огранок на СПД Јан Штес. Од тридневниот конгрес на партијата во Лајпциг тој бара сигнал во таа насока. На локално ниво и во источно-германските сојузни покраини, таква соработка постои веќе подолго време. Во 1998 година, во покраината Мекленбург-Предна Померанија е формирана првата црвено-црвена коалиција, која владееше до 2006 година. Во Берлин СПД владееше со Левицата од 2002 до 2011 година. Наспроти тоа, соработкта со оваа партија на сојузно ниво досега беше исклучувана, поради премногу различните ставови околу централните прашања, како на пример ангажманите на германската војска во странство, одбранбената и економската политика.

Партиски избори

SPD-Konvent Sigmar Gabriel

Лидерот на СПД, Зигмар Габриел

Во Лајпциг лидерот на СПД, Зигмар Габриел денеска (14.11), на првиот ден од тридневната средба, ќе ја промовира големата коалиција. Се очекува во случај на формирање на влада со партиите на Унијата тој да стане вицеканцелар. Но во фокусот на конгресот ќе бидат партиските избори. Ќе се гласа за претседател на партијта, негови пет заменици како и за други високи позиции. Големи изненадувања меѓутоа не се очекуваат.

Во споредба со парламентарните избори во 2009-та, СПД во септември 2013 година забележа благ раст на бројот на освоени гласови. Освен тоа, партијата воопшто не е во толку лоша позиција, бидејќи во сојузните покраини социјалдемократите се силни. Во 13 од вкупно 16 покраини тие учествуваат во власта. Во девет покраини имаат и шефови на влади. И тие присуствуваат на коалициските преговори во Берлин и ја користат својата моќ за претставување на интересите на своите покраини. Една од нив е и премиерката на покраината Северна Рајна Вествалија, Ханелоре Крафт. Таа се залага за зачувување на работните места во германската индустрија за јаглен. Медиумите веќе ја нарекоа, втора најмоќна жена во Германија, по Ангела Меркел.