1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германските ракети Патриот стасаа во Турција

Германските ракети Патриот од типот земја-воздух, кои ќе бидат распоредени во Турција како заштита од можен ракетен напад од Сирија, денеска наутро пристигнаа во пристаниште на југот од земјата, соопштија извори од НАТО.

Друг брод со холандските ракети Патриот исто така пристигнал во пристаништето Искендерун и товарот набрзо треба да биде истоварен. Согласно со одлуката на НАТО, Германија, Холандија и САД треба во Турција да постават по два модернизирани система од ракетите Патриот и секоја земја треба да испорача меѓу 350 и 400 војници.

Во рамките на оваа мисија, американската армија на почетокот од јануари испрати своја опрема и војници. До почетокот на февруари шест вакви ракетни системи треба да бидат оперативни - холандскиот во Адана, германскиот во Марас и американскиот во Газиантеп, што прави триаголник на југоистокот од Турција во близината на границата со Сирија, во којашто две години трае жестока граѓанска војна.

Ракетите земја-воздух Патриот можат во лет да уништат балистички проектили, крстосувачки ракети и авиони. Одлуката на НАТО за распоредување на овие проектили во Турција дојде по барање на Анкара по низа инциденти кога проектили од сириска територија паднаа на турско тло, при што имаше и човечки жртви.

Вакви ракетни системи од постарата генерација веќе беа разместувани во Турција во два наврата - во 1991 година во текот на Заливската војна и 2003 година во текот на војната против Ирак.