1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Германските пратеници бараат фер шанса за Македонија

Македонија да добие иста шанса како и останатите земји од Западниот Балкан за интеграција во ЕУ, порачуваат пратеници во германскиот парламент, кои одблизу ја следат состојбата во земјата.

default

Либералот и пратеник во Бундестагот, Оливер Лукшиц, смета дека Македонија e неправедно потисната назад на патот кон ЕУ. Потребни се прагматични, јасни услови, чие исполнување би значеле деблокирање, вели тој.

„Во суштина, Македонија е во тешка ситуација! Ќе биде претркана и од Црна Гора и неправедно потисната наназад со отворањето на нивните пристапни преговори. Исто така е жртва и на државниот финансиски колапс на Грција. Кога не би ја имало кризата, претопоставувам дека грчката влада би била повеќе подготвена за компромис. Сега, поради целата ситуација, владата нема простор за политички маневри, зашто и онака и‘ се префрла дека со Грција сега се владее од Европа и од надвор. Значи,станува збор за многу несреќен склоп на околности за Македонија, но сепак се надевам дека ќе има некакво подобрување, зашто на Македонија и‘ е потребна европската преспектива“, оцени за македонската програма на Дојче Веле Оливер Лукшиц, пратеник во Бундестагот од партијата на Либералите.

ЕУ мора да ги награди реформите

Според него, извештајот на Европската Комисија покажал дека Македонија остварила напредок во политичките критериуми. Се работи и во сферата на администрацијата и судството, иако е потребен уште поголем ангажман. Инаку, Лукшиц ја фали и релативно стабилната економија и констатира дека „Македонија е на добар пат, иако се’ уште не е онаму каде што посакува“.

Johann Wadephul CDU

Јохан Вадефул (ЦДУ)

Јохан Вадефул, известувач за Македонија од пратеничката група на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот, не ја крие изненаденоста што во Извештајот за напредокот, Европската комисија толку брзо и позитивно ги оценила Србија и Црна Гора.

„Германската страна ќе инсистира земјите како Хрватска, Србија, Црна Гора да не се третираат поинаку од Македонија. Ќе водиме сметка Македонија да добие фер шанса за конкретни преговори. Ова од земјата бара продолжување на политичките и економските реформи. Не смее да има пауза. Мора да има движење во насока на ЕУ. И кога ќе го има ова темпо, ЕУ мора тоа да го забележи и да го награди“, вели Вадефул.

Прагматичност од двете страни

Клучното прашање сепак останува како Македонија да го надмине спорот за името со Грција, и дали Германија може да изврши притисок врз Атина, тоа прашање да не го блокира патот на земјата кон евро-атлантските структури. Пратениците во Бундестагот бараат прагматичност и од Скопје и од Атина:

„Ќе биде тешко! Го имаме проблемoт со регулативата, според која за секоја одлука зелено светло мора да даде секоја од земјите членки. Особено кога е во прашање проширувањето. Ист случај има и кај Србија, иако во суштина е различен. Заедничка е темата: соседството! Сегашната состојба со регулативата покажува дека во одредени ситуации таа може да ги блокира процесите. Но, таа е таква и според мене излезот мора да се бара во прагматични решенија. Значи, не смее да се наметнуваат нови и нови неостварливи услови. Тие мора да бидат едноставни и Грција да каже што уште треба да се направи за да се одблокира пристапниот процес на Македонија“, коментира Оливер Лукшиц.

Oliver Luksic Bundestag FDP

Оливер Лукшиц (ФДП)

„Сигурно дека на грчката страна уште еднаш мора да и‘ кажеме дека врзувањето на членството на Македонија во ЕУ со спорот за името - не е европско решение. Од друга страна, можеби е добронамерно и Македонија да се советува да не го пренагласува Александар Велики, зашто сите заеднички треба да гледаме кон иднината. И, доколку тоа се прави разумно, гледам добри шанси да се направи и исчекор нанапред“, коментира за Дојче Веле демохристијанот Јохан Вадефул.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Борис Георгиевски