1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Германските политичари се плашат од „апстинентите“

Еден сигурен победник на следните парламентарни избори во Германија е познат: тоа се граѓаните кои планираат да останат дома. До ист заклучок доаѓаат две различни студии.

„Дали бирачите-апстиненти се најсилна политичка група?“, „Гласачите одат на годишен“, „Гласачите кои остануваат дома ја доведуваат во прашање демократијата“- ваквите наслови од двете актуелни студии (на Фондацијата Фридрих Еберт и на научникот Хорст Опаховски) фрлаат темна сенка врз претстојните избори во Германија. Според прогнозите на Опаховски, навистина би можело да се случи, групата граѓани кои нема да излезат на изборите да станат најголемата политичка сила во Германија.

Од 1970. година бројот на граѓаните кои не излегуваат на избори да се зголеми за три пати. За разлика од 1973. година, кога од изборите апстинираа само 10 отсто Германци со право на глас, на последните парламентарни избори во 2009. нивниот број порасна на речиси 30 отсто. На последните покраински и локални избори таа бројка дополнително се зголеми. Во неколку покраини бројот на апстинентите надмина 40 отсто, во Шлезвиг Холштајн беше надмината и границата од 50 проценти.

Расте апатијата

„Незаинтересираноста за изборите во Германија значително порасна“, вели Опаховски. Луѓето тоа го објаснуваат со недоверба во политичарите. Анкетираните велат дека на партиите им е „далеку поважно да останат на власт отколку добробитта на граѓаните“, а на политичарите „сопственото презентирање во јавноста наспроти политичката содржина“. До овој заклучок социологот доаѓа по репрезентативната студија спроведена меѓу 1.000 испитаници постари од 14 години.

Deutschland Zukunftsforscher Horst W. Opaschowski

Хорст Опаховски

И во студијата на Фридрих Еберт во рамките на која биле испитани 3.500 луѓе кои не планираат да излезат на избори, мнозинството како причина го наведуваат големото незадоволство од политиката и политичарите.

Останатите причини се помалку важни, вели Дитмар Молтхаген, раководител на емпириските истражувања во Фондацијата.

„Донекаде тоа е и добра вест бидејќи значи дека со промена на политичката понуда граѓаните може повторно да се мобилизираат“, вели Молтхаген.

„Политичарите и граѓаните се‘ повеќе се оддалечуваат едни од други. Тие две групи живеат во сосема различни светови“, смета Опаховски. Многу партии и свесно се затвораат кон надворешниот свет.

Студиите, од друга страна, покажуваат дека е погрешно уверувањето дека младите не излегуваат на гласачките места.

„Бирачи-апстиненти има во сите возрасни групи. Во оние кои долгорочно ги бојкотираат изборите најголем е бројот на постари бирачи“, вели Молтхаген.

Она што паѓа во очи во студијата на Фридрих Еберт е дека голем број апстиненти доаѓаат од пониските социјални слоеви. И така всушност си даваат автогол.

„Кога некоја социјална група ги бојкотира изборите, нивните интереси се помалку застапени“, вели тој.

И социологот Клаус Хурелман ја забележува истата тенденција: оние кои имаат пониско образование и помалку пари, помалку се чувствуваат како дел од општеството и не веруваат дека политиката може нешто да промени во нивните животи. Резултат од таквиот начин на размислување е неизлегувањето на избори.

Оттука, добар рецепт против избирачката „мрзеливост“ може да биде: повеќе образование, политичка информираност и кампања.

Опасност од популизам

Jugendforscher Klaus Hurrelmann

Клаус Хурелман

Долгорочно гледано, растот на бројот на апстинентите може да биде проблем за демократијата, велат експертите. Според Молтхаген, првиот проблем е што тоа води до намалување на демократската легитимност на властодршците. „Доколку секој втор граѓанин не излегува на избори, тогаш една партија може да добие најмногу 13, 14 проценти од гласовите“. Лошата излезност полека ја поткопува демократијата. „Не може да се исклучи ни дека популистичките партии ќе ги придобијат исфрустрираните избирачи на своја страна. Кога ќе погледнете низ Европа, гледате дека тоа веќе им успева“, вели Молтхаген.

Социолозите не се согласуваат со ваквите оценки. „Оваа опасност не и‘ се заканува на Германија. Луѓето денес едноставно не сакаат да се определат за ниту една страна“, вели Опаховски. Но и тој се согласува дека политиката во иднина мора да ги вклучи посилно граѓаните во процесот на одлучување. Истовремено апелира и до граѓаните самите да преземат иницијатива.

„Тие мораат да преминат во офанзива. Политичарите веќе не можат се' сами“, вели Опаховски.