1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германските политичари на одмор во Грција

Германско-грчките затегнатости се заострија во време на кризата во Грција. За да испратат знак против ваквиот развој, многумина политичари сакаат да го минат својот одмор во Грција.

Наксос, Парос, Миконос - овие три места се речиси задолжителни за секој љубител на грчките острови. Порано Беате Милер Гемеке, на прашањето зошто сака да патува на Кикладите, едноставно ќе одговореше: „Сонце, плажа и море“. Овојпат зад одморот се кријат и други побуди, појаснува пратеничката од Зелените: „Кога слушнав дека туристичките бројки во Грција се намалени за 50 насто, за мене беше разбирливо само по себе, дека повторно ќе отидам во оваа земја“.

Солидарност и курсеви по танго

Тоа исто така е одлучувачки аргумент и за пратеникот од Партијата на Левицата, Рихард Питерле, со семејството во август да летува на Крит. Но, тој не сака само да го поддржува туризмот, кој е најважниот извор на приходи на Грција. Тој ќе зборува и со луѓето на островот и ним со своето присуство да им покаже, „дека не се отпишани“.

Се разбира Рихард Питерле како и другите политичари сака да се релаксира, да плива, да прочита книга и да ужива во добро јадење. Но, за него има уште еден предизвик да отпатува на Крит: има намера таму да посети курс по танго. Неговиот учител по танго од Штутгарт, кој по потекло е Грк, дава курсеви и на Крит.

Грција да се поддржи и со приватни пари

Додека Рихард Питерле се’ уште не заминал на одмор, Фридлинде Гур-Хирш тукушто се врати од Грција. Заменик-претседателката на пратеничката група на ЦДУ во покраинскиот парламент во Баден Виртемберг со своето семејство летуваше на островот Крф - со сопругот, нејзините три деца и нивните партнери како и четири внучиња. Семејството сака да покаже дека нема причина Германец да ја избегнува Грција како цел за одмор. Расположението на луѓето на Крф било „помалку тмурно“, е впечатокот на политичарката. Тие меѓутоа биле „пријателски, услугите беа добри и не ни се обраќаа според мотото: Вие не ставате под притисок“.

Лошото време во Германија ја засили желбата за сонце и море и кај семејството на пратеникот од ФДП Ерик Швенкерт. На избор стоеше или Турција, каде од минатата година имаат убаво искуство, или Грција. Семејството Швенкерт се одлучи: на крајот на месецов ќе заминат на островот Кос. На овој начин, вели Ерик Швенкерт, ќе се спротивстави на обвинувањата кои честопати ги слуша во Германија, дека политичарите можат само да трансферираат пари од даночните обврзници во други земји. Со одморот во Грција сака да докаже дека политичарите ја поддржуваат Грција и со свои приватни пари.

Bucht von Sidari auf Korfu Griechenland

Пратеничката во Бундестагот од Берлин Мехтилд Раверт е секојдневно конфронтирана со темата Грција. Таа има соработничка по потекло од Грција. Затоа на политичарката не и’ се познати само фактите и бројките за кризата, туку и непосредните последици за роднините и пријателите на нејзината соработничка, кои живеат на островот Тасос. Како и минатата година и овој октомври Мехтилд Раверт ќе отпатува на островот со сите свои соработници. Дали ќе разговара и со луѓето таму?

„Сигурно нема да се движам со табличка, ’јас сум германска политичарка’“, вели Раверт. Но, дополнува дека со сигурност ќе разговара со кругот пријатели на нејзината соработничка.

Грција ќе ја посети и заменик-претседателката на пратеничката група на ЦДУ Ингирд Фишбах, која со ќерка и’ ќе замине за островор Родос. „Грците беа соочени со толку многу негативни работи“, вели политичарката и се надева „дека ако го поддржуваме туризмот ќе покажеме: стоиме до вас, радо доаѓаме овде и ако е убаво, догодина повторно ќе дојдеме“.