1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германските десничари „долеваат масло на огнот“

Десничарската партија „Про Дојчланд“ најави дека сака да го покаже оспоруваното видео за пророкот Мохамед во целосна должина. Во интервју за ДВ заменикот претседател на партијата ја релативизира оваа намера.

Политички маргиналната група, „Граѓанското движење Про Дојчланд“ вниманието го привлекува со популистички, антиисламски, антифашистички и ксенофобични акции. Пред неколку денови партијата на својата интернет страница најави дека сака да го прикаже во Берлин оспоруваниот филм за пророкот Мохамед под наслов „Невиноста на муслиманите“ („Innocence of Muslims“). Ваква одлука донесле претставниците на партијата во Берлин, по насилните акции на муслиманските екстеремисти во Египет и во Либија.

Неделникот „Шпигел“ го цитира претседателот на „Граѓанското движење Про Дојчланд“ Манфред Роус, според кого оспоруваниот филм би требало целосно да биде прикажан. „Станува збор за уметност и слобода на мислењето“, рекол Роус, а пренесува „Шпигел“.

Овие планови ги релативизираше заменикот претседател на партијата и член на градскиот совет во Хајлброн, Алфред Дагенбах, во интервју за ДВ. Според Дагенбах, се’ уште нема одлука за прикажување на видеото, кое ги предизвика последните напади врз амбасадите на САД, Велика Британија и германската амбасада во Судан. Тој лично смета дека „филмот е примитивен и еднаков на некои работи кои во арапските земји се шират за христијанството“. Дагенбах оценува дека изјавите на Роус се „идеја, која се родила кога содржината очигледно се’ уште не беше целосно позната“. Сега, кога го погледнал видеото, смета дека „е толку одвратно, што воопшто не може да се заговара таква работа“.

Pro Deutschland Demonstrationen in Berlin

Контра демонстрации - многумина Германци се дистанцираат од акциите на „Про Дојчланд“

Во неговата партија во моментов се води дискусија преку имејл. Оние со кои Дагенбах имал контакт веќе не се големи заговорници филмот да се прикаже во Германија. „На почетокот можеше да се види само краток трејлер, преку кој се стекнува впечаток дека прикажувањето на филмот дури би било прифатливо“.

Мала партија - голема штета?

Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих предупреди на опасноста од евентуално прикажување на филмот продуциран во САД, кој има антиисламска порака. Фридрих најави дека против тоа ќе се бори со „сите дозволиви правни средства“. „Про Дојчланд долева масло на огнот“, оцени Фридрих. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле непосредно по нападот врз германската амбасада во Судан, покрај нападот, го осуди и „срамното видео“. „Но, тоа не го оправдува насилството“, дополни Вестервеле.

Политичари од редовите на опозиционите социјалдемократи и зелените во Германија се против планираната забрана од страна на министерот за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих за прикажување на филмот за пророкот Мухамед. Забраната може да биде последно средство, изјави експертот за внатрешно-политички прашања на СПД Дитер Вафелшпиц за берлинскиот весник „Тагесцајтунг“. И Фолкер Бек од Зелените не гледа правна основа за забрана за прикажување на видеото.

На организацијата „Про Дојчланд“ се гледа како на десничарска популистичка партија, која започна со работа во 2005 година. Во 2010 година ова движење имаше 256 членови. Но, според сопствени наводи сега брои 1760. Организацијата се финансира со донации.