1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Германските војници остануваат на Косово се’ додека тамошниот проблем не биде решен

Ова денеска во Приштина го рече германскиот министер за одбрана Петер Штрук. Тој престојува во покраината за да ги посети припадниците на германскиот контингент во рамките на Кфор, но и за лично да се запознае со политичката ситуација, посебно по мартовските безредија. За Косово се расправаше и на меѓународна конференција во Токио.

Војници на Кфор

Војници на Кфор

“Сојузната влада е многу разочарана од настаните овде на Косово кон средината на март, кои претставуваат јасен удар спрема меѓународните напори и настојувањата на НАТО. Германија ќе го одржи своето присуство овде – околу 3800 војници остануваат и натаму стационирани. Нема никакво сомневање во тоа дека и натаму ќе биде неопходно придржувањето кон меѓународните стандарди за соживот на Србите и Албанците” – нагласи Штрук денеска во Приштина. Тој укажа и врз кого лежи посебната одговорност: “Останува политичка задача на одговорните политичари овде на Косово – комуналните политичари и владата - повеќе да се ангажираат за да не се повторат веќе такви настани како во средината на март. Важно е Србите да можат да живеат во безбедност. Дури кога ќе биде достигната таква ситуација, ќе може сериозно да се размисли за редуцирање на трупите”, категоричен беше министерот Штрук.

За Косово денеска стана збор и во Токио на конференцијата за јакнење на мирот и економскиот развој на Западен Балкан. Учествуваат министрите за надворешни работи или за економија на сите земји од тој регион, меѓу нив и македонскиот министер Илинка Митрева, но исто така и претставници на уште 40-ина земји од светот и на меѓународни организации. Тоа е прв голем меѓународен собир по мартовските безредија во покраината.

Министерот за надворешни работи на Србија и Црна Гора Горан Свилановиќ истакна дека неговата земја решението го гледа во концептот за децентрализација со комбинирана територијална и персонална автономија на Србите и другите неалбанци во покраината. Тој укажа на примерот од Босна и Херцеговина со кохабитацијата на народите. Премиерот на Косово Бајрам Реџепи ја нагласи потребата од меѓународна поддрршка за да се постигне мир, стабилност и економски развој. “Сакаме да упатиме силна порака дека меѓународната заедница ќе продолжи да учествува во мировниот процес и во трајниот економски развој на Западен Балкан” – нагласи домаќинот на конференцијата, јапонскиот министер за надворешни работи Јорико Кавагучи.