1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германските војници од денеска ќе ја бранат Турција

Бундесверот денеска (08.01) ги испрати првите 20-ина војници кои ќе раководат со ракетните системи Патриот. Во истовреме, на пат кон Турција се и ракетните системи, откако НАТО го одобри нивното распоредување

Германската влада постојано се обидува да објасни дека испраќањето германски војници во Турција не претставува нивно учество во војна. Бундесверот нема да се меша во граѓанската војна во Сирија. Во објаснувањето на тој податок, министерот за одбрана Томас Де Мезие полага големо внимание:

„Се работи единствено за превентивна и дефанзивна мисија со цел заштита на територијата на земја-членка на НАТО“.

Паралелно со испраќањето на првите 20 германски војници, кои доаѓаат заедно со холандските војници, на пат кон Турција тргнаа и ракетните системи Патриот. Следната недела ќе почне и префрлањето на главниот германски контингент од 350 војници во Турција. Оваа мисија е важен знак на солидарност кон Турција, вели шефот на дипломатијата Гидо Вестервеле.

„Не смееме да заборавиме дека во Турција имаше жртви по нападите од Сирија. Сосема е разбирливо што во Турција постои загриженост, бидејќи никој не знае на што е се’ подготвен сирискиот режим“, вели Вестервеле.

Симболичен гест

Сега ракетите од типот Патриот ќе бидат во состојба да ја заштитат турската територија од ракетни и авионски напади. Сепак, вистинската опасност која се заканува од напади со гранати, овие системи не можат да ја спречат. Оттука и на мисијата се гледа како на симболичен гест која служи пред се’ за заплашување, вели Де Мезие.

„Конечно ова е поддршка за Турција во психолошки тешка ситуација, од една страна да не дозволиме да биде вовлечена во конфликтот, а од друга да можеме навремено да реагираме“.

Германија ќе ги стационира своите ракети во Караманмарас, околу 100 километри од границата со Сирија. Тоа ќе биде првиот вистински тест за германските Патриот ракети по безброј тестови и вежби. Мандатот на германските војници трае до февруари 2014 година. Целата мисија ќе чини околу 25 милиони евра.