1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Германските винарии

Германија има мал удел во глобалниот пазар на вино, но тој сепак е значаен. Во трката по заработувачка традиционалните производители на вино стојат пред предизвици.

default

Берба на грозје

„Животот е премногу краток за да се пие лошо вино“, рекол во една пригода најпознатиот германски поет, Јохан Волфганг фон Гете. Гете секоја вечер уживал во пиењето на „сокот од грозје“.

Како што тој практикувал во 19 век, така сега прават се` повеќе Германци, кои го менуваат имиџот на Германија како нација која пие пиво. Дури и на најголемите светски пазари, САД и Јапонија, луѓето се` повеќе го бараат „божествениот“ пијалок. Токму затоа, проценките на германските винари се дека големи шанси за пробив има виното кое тие знаат најдобро да го произведат - Riesling.

„Riesling“ продолжува да важи како наше „жешко“ вино, вели Штефан Шиндлер, директор за надворешна трговија во германскиот вински институт (DWI) во Мајнц. „Го увидовме тоа на почетокот на деведесетите, во меѓувреме селекцијата на вината ширум светот драматично се зголеми, така што моравме да придобиеме нешто и за нас“.

Сето тоа коинцидираше со промена на навиките во исхраната. „Луѓето јадат полесна храна“ вели Шиндлер. Нејзе и‘ одговара лесно вино со овошна арома, и оттаму толку големата популарност на германскиот ризлинг. Исто така, според Шиндлер, ова вино не е воопшто скапо.

Жешка конкуренција

DWI е национална организација за рекламирање на германските вина. Продавниците за вино и производителите партиципираат во буџетот на оваа организација.

Riesling

Се‘ е во ризлингот, велат германските винопроизводители

DWI одлучува за тоа на кој начин германските вина да се рекламираат на домашниот или на светските пазари. Маркетинг методите се искомбинирани со стратегиите за реклама на приватните винарии. Очигледно, дел од развојната маркетинг стратегија е да се запознаат конкурентите.

Додека Европа останува најголем производител на вино во светот (Германија има удел од 3 проценти), виното од т.н. земји од „Новиот свет“, како што се САД, Аргентина, Австралија и Чиле полека влегува во тесна конкуренција на европските винарии, односно винопроизводителите од „стариот свет“. Во овие земји се произведува се` повеќе вино.

Според податоците од меѓународната организација за вино, вината од земјите од „новиот свет“ сега имаат удел од 25,5 %од светскиот пазар на вино, вреден 80 милијарди евра. Тој процент пред дваесет години изнесуваше 1,6.

Петтемина најголеми винопроизводители во ЕУ – Италија, Шпанија, Франција, Германија и Португалија, според агенцијата Франс Прес, во последните две декади го намалија својот удел во винопроизводството од 75% на 62%. Истовремено, консумирањето вино во Франција, Италија и Шпанија опадна во последните неколку години, што значи дека европските држави произведуваат повеќе вино отколку што можат да продадат.

Токму затоа, Европската Комисија побара реформа во одгледувањето и пазарот на вино во европските земји членки. „Планот подразбира зголемување на конкуренцијата кај европските винопроизводители, зајакнување на репутацијата на европските вина и поголем удел на пазарот“, се истакнува во јунското соопштение на Комисијата . Идејата е да се редуцира квантитетот и да се подобри квалитетот.

На здравје!

Германските винари тврдат дека можат да понудат квалитетни вина. „За среќа, вкусниот ризлинг може да се произведе само во Германија“, вели Шиндлер.

Zell - Arbeit in den Weinreben p178

Многу е важно како се сечат гроздовите

„Овде имаме посебна клима“, додава тој. „Вината Chardonnay , кои можеби сега се најпопуларна сорта, можат да се произведуваат на многу места. Но, таков не е случајот со германскиот ризлинг или силванец, кои можат да се произведуваат само во јужниот или југозападниот дел на Германија.“

Додека германските винопроизводители се загрижени за големата конкуренција во светот, па дури и од земји како што е Кина, која сега е седма по производство на вино во светот - надеж им дава популарноста и квалитетот на ризлингот, и тоа не само за продажба, туку и за да ги пласираат германските вина на светските пазари.

Долгата историја за производство на вино

„Не треба да се потцени изненадувачкото производството на вино од земјите како Кина“, вели Александер Маргариотов од Хавеско Холдинг АГ, една од најголемите светски компании за продажба на вино.

Momentaufnahmen, Deutschland entdecken, Mosel

Лозје во долината на Мозел

„Кинезите произведуваат вино повеќе од 9000 години“, рече тој во интервју за „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, додавајќи дека регионите за производвство на вино во Кина се на исто ниво со Бордо, Тоскана или долината Напа. Дури и реоните кои вообичаено не се користат за лозови насади во иднина можат да послужат за производство на вино. Глобалното затоплување им помага на земјите како што се Велика Британија или Холандија да остават свој белег во производството на вино. Новите сорти на вино, исто така, покрај на сончевите, топли подрачја успеваат и на подрачја каде што има дожд. Тоа значи дека некои други региони можат да создадат услови за производство на вино слични на германските и со тоа да ја зголемат конкуренцијата.

„Рафинираниот“ ризлинг

Засега, германските винопроизводители се зафатени со бран на драматичен извоз, кој што се зголеми за 13% во изминатите 12 месеци. „Најдинамичниот пазар за нас сега се САД. Таму, последната година, увозот на германско вино се зголеми за 30%“, вели Шиндлер, додавајќи дека најголем дел од извозот се должи токму на ризлингот.

Weinglas und Karaffe

Животот е прекраток за да се пие лошо вино

Ова вино, исто така, е достапно за сечиј џеб: шише добро вино од оваа сорта чини околу 10 американски долари, а во Германија цената се движи меѓу 4 и 5 евра.

Една од најголемите причини за зголемувањето на германскиот извоз на вино, секако е промената на имиџот. „Во 1990-те, се обидувавме да ги запознаеме луѓето од светот со германското вино“, вели Шиндлер. „Им објаснувавме се` за 13-те региони за производство на вино во земјата, како и за различните видови грозје, но со текот на времето сфативме дека сето тоа е многу комплицирано за нашите купувачи од странство.“ Многумина од потрошувачите сакаат само да се забавуваат, а не да слушаат лекции пред да вкусат чаша вино“, вели Шиндлер.

Така, всушност, мислел и стариот добар Гете. Иако веќе не е на овој свет, веројатно ужива во неговиот омилен еликсир.