1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германските банки одбиваат барања за кредит од постари лица?!?

default

Имаат ли право германските банки да ги одбијат барањата за кредит од постари лица затоа што не е сигурно враќањето на позајмените средства? Може ли вакво нешто да се случува во развиена држава од богатиот Запад? Ако се суди според зачестените поплаки на германските сениори упатени до Централите за заштита на потрошувачите, оваа појава зема замаф.

“Денес, кога некој е вработен, ништо повеќе не е сигурно, дури ни работното место кое некој можеби го има цели 20 години. А мојата пензија, нејзе не може никој да ми ја земе, ќе ја добивам до крајот на животот“ - се жали еден од погодените пензионери, Манфред Ламер, кому неговата банка одбила да му одобри кредит. Ваквата постапка на банката предизвика големо незадоволство и дури лутина, бидејќи тој е сигурен оти нема никаква друга причина за одбивањето, освен неговата возраст.

Слични искуства имаат се повеќе негови современици, но не се сите пасивно незадоволни:

“Напротив, тоа е голема грешка. Многумина уште се плашат, тоа стариот менталитет од времето по војната, и тоа е според мене голема грешка. Треба да се протестира против таквите постпаки, на пример кај Централата за заштита на потрошувачите“ - вели 67-годишниот Фриц Зауер.

Тој се пожалил во “Бирото против дискриминација на постарите лица“ со седиште во Келн, што веќе само по себе му дало чувство дека не е осамен во својата мака. Службениците на Бирото му советувале да поднесе жалба до Управата на Банката. Кусо време потоа тој го добил она што го барал и тоа без образложение зошто неговото барање претходно било одбиено на шалтерот.

Портпаролот на Здружението на германските банки, Штефан Мароцке, го отфрла паушалното обвинување дека постарите лица подлежат на некаква дискриминација. Такви случаи нему барем не му се познати. Секое доделување кредит се одвива според исти критериуми:

“Доколку враќањето на кредитот важи како обезбедено, тогаш не може да биде одбиено барањето. Но, доколку постои голем ризик, тогаш мора да се води сметка за интересите, како на клиентите, така и на банката“ - нагласува портпаролот Мароцке и додава дека би било можеби разумно при склучувањето на подолгорочни кредити да се вклучат и потенцијалните наследници.

Проблемот во Германија е тоа што банките имаат потполно одврзани раце во изборот на нивните клиенти и не постои никакво законодавство против дискриминација на постари лица. Тоа не е така во Швајцарија и Финска, на пример, а и ЕУ веќе има донесено препораки во таа насока. Но, се додека тие не бидат преточени во обврзувачки закони, веројатно и понатаму ќе се случува пензионерите да бидат дискриминирани – секако доколку не се бранат!