1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Германските автопатишта - лажниот мит на Хитлер

До денес опстојува впечатокот дека автопатиштата во Германија се откритие на нацистите и оти со нивната изградба била победена масовната невработеност во земјата. Историска лага...

Адолф Хитлер силно ја вкопува лопатата во купот песок . Околу него се стискаат војници а еден држи фотоапарат в раце за да направи слика од Фирерот и да ја документира првата „фрлена лопата“ на уште една делница на автопатот.

Типична слика, која во тоа време се случуваше низ целата земја, најчесто онаму каде што се градеа мали делови од т.н. „автопат на Рајхот“.

Инсценацијата имаше само една цел: активностите требаа да допрат до граѓаните во целиот Рајх. Неуморно се промовираа „фрлените лопати“ низ целата земја а отворањето на делниците од автопатите уште еднаш посебно се славеше.

Feier zur Eröffnung von Europas erster Autobahn in Köln am 7. August 1932

Славје при отворањето на првиот автопат во Европа

Првиот автопат пред точно 80 години

Чуден пресврт, со оглед дека само неколку години претходно големи делови од Национал-социјалистичката германска работничка партија НСДАП заедно со Комунистичката партија ја саботираа изградбата на автопатиштата критикувајќи дека тоа се само писти од бетонски плочи.

Нивната изградба „би им служела само на богатите аристократи и на еврејските големи капиталисти и нивните интереси“, аргументираа нацистите и не учествуваа во политичките преговори за финансирање на автопатиштата. Дури откако Адолф Хитлер во 1933. година дојде на власт , нацистите ги открија патиштата за сопствени цели.

До 1929. година изградбата на автопатишта во Германија запнуваше поради економската криза и недостатокот од капитал. Германија страдаше од последиците на масовната невработеност, хиперинфлацијата и исплатата на реперацииите од Првата Светска Војна. Единствено на тогашниот градоначалник на Келн, Конрад Аденауер во 1932. година му успеа да го финансира и изгради првиот автопат без крстопати меѓу Келн и Бон, кој постои до денес и ја носи ознаката А555.

Делницата тогаш беше долга 20 километри и беше дозволено да се вози со максимални 120 километри на час. Но повеќето автомобили во тоа време достигнуваа брзина од само 60 км/час . Регионот на Келн во тоа време важеше за простор со најгуст сообраќај во Германија. Само половина година по отворањето на овој автопат , тој беше преозначен за регионален пат од страна на во меѓувреме владејачките националсоцијалисти, со цел титулата на градители на првиот автопат во Германија да можат да си ја припишат себе си.

Хитлер се вмешува во се’

LKW-Maut ARCHIVBILD 2003

Изградбата на автопатиштата во Германија не беше воопшто лесна

Притоа уште во 1909. година индустријалците воодушевени од автомобилите и влијателните граѓани заеднички заклучија да се заложат за изградба на пат, на кој ќе биде овозможено слободно возење на автомобилите без прашина и кал, без коњски кочии и без пешаци.

Во 1913. година во Берлин започнаа работите на т.м „Улица за автомобилски сообраќај и вежби“ накусо АВУС. Наместо планираните 17 километри поради недостатокот од пари беа изградени само 10 километри. Првата Светска Војна ги прекина работите на делницата и таа по 1921. година претежно служеше за тестирање на се’ побрзите спортски возила и за автомобилски трки. Едно здружение основано во 1926. година се заложи за изградба на патна делица преку цела Германија - од Хамбург, преку Франкфурт до Базел. Иницијативата „ХаФраБа“, најнапред наиде на отфрлање од страна на нацистите, но откако Хитлер ја презема власта во земјата делумно беа преземени и плановите за „ХаФраБа“ а името на здружението беше променето во „Здружение за подготовка на автопатиштата на Рајхот“.

Мобилноста на народот треба да се зголеми

Адолф Хитлер, велат историчарите денес, само се приклучил на движењето за зголемена мобилност кое веќе се развивало ширум светот. Тој меѓутоа ги препознал можностите со еден најнапред безмислен потфат да ја заведе нацијата и да ја осигура својата моќ. Зашто едно нешто било сигурно. Само малку Германци можеле да си дозволат сопствено возило а со тоа да ги користат и новите автопатишта. Затоа нацистичката пропаганда ветуваше мобилност на народот. Не само добростоечките, туку и поширокото насление би требало да може да патува. Идејата за „Народно возило“ ("Volkswagen") беше родена.

Секоја година требаа да бидат завршени 1.000 километри автопат, нареди Хитлер. Во 1934. година тој говореше за почеток на „Работна битка“ и најави дека со неа ќе го намали бројот на невработени во земјата. Најмалку 600 илјади работни места требаше да донесе изградбата на автопатишта, меѓутоа дури и во најдобрите времиња беа само 120 илјади работници со лопата в раце.

Изградбата на автопатиштата беше определена од болести, смрт, глад и страдање. Имаше штрајкови. Нивните лидери беа затворени во концетрациски логори. До јавноста не допре ништо од овие случувања.

Митот автопат

Со тек на годините се’ повеќе луѓе наоѓаа работа во индустријата за оружје која доживуваше бум. Таа ја редуцираше невработеноста, а не изградбата на автопатиштата. Во годините на Втората Светска Војна се’ повеќе затвореници и еврејски принудни работници беа обврзани да работат на изградбата на автопатиштата, бидејќи првобитно вработените градежници беа на фронт. Во 1941. година завршени се 3.800 километри автопатишта ширум земјата. Меѓу 1941. и 1942. година работите дури речиси целосно беа запрени. Од есента 1943. на автопатиштата поради слабиот сообраќај на возила беше дозволено да се вози и со велосипеди.

Нацистичката пропаганда со години оппстојуваше на митот за автопатиштата и на фатален начин беше дури и успешна во тоа. Филмовите и фотографиите на чети работници на автобатиштата се врежаа во свеста на цела генерација Германците. Нацистите ја беа оствариле својата цел.