1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Германскиот тенис се буди од „зимскиот сон“?

Сабине Лисицки игра во финалето на Вимблдон, влегува во него како фаворитка. Благодарение на оваа русокоса девојка од Берлин, Германија доживува „тениски бум“ каков што немало одамна.

Таа е главна тема во британските медиуми и миленичка на англиската публика: Сабине Лисицки (насловна фотографија), германското тениско чудо, е прва германска тенисерка по Штефи Граф која успеа да се стигне во финалето на Вимблдон. Значи, прва по 14 години. „Ова е голема шанса за германскиот тенис. Се надевам дека тоа ќе придвижи цел бран“, вели во разговорот за ДВ претседателот на Германскиот тениски сојуз Карл-Георг Алтенбург кој отпатува за Лондон. Тој, секако, за ништо на светот не сака да го пропушти денешното (6.7.2013) финале.

Вимблдон е најпрестижниот, најважниот тениски турнир на светот и сега токму таму Лисицки стана главна ѕвезда. Германските тениски функционери поради тоа се надеваат дека германскиот тенис би можел да се разбуди од „зимскиот сон“. На тој спорт, имено, му опадна популарноста откако од тениското небо исчезнаа негогаш фантастичните германски ѕвезди Борис Бекер и Штефи Граф.

Се' помалку Германци играат тенис

Deutschland 60 Jahre Kapitel 4 1979 – 1989 Wimbledon-Sieger Graf und Becker

Двојна германска победа на Вимблдон во 1989 година- Штефи Граф и Борис Бекер

Тоа го поткрепуваат и статистиките за бројот на активни членови на Германскиот тениски сојуз. Тој, иако и натаму е најброен на светот, по големиот раст на популарноста во 80-тите до средината на 90-тите години од минатиот век, бројот на членовите систематски се намалуваше. Додека во осумдесетите имаше над 2 милиона, денес се половина милион помалку. Во 80-тите и 90-тите Борис Бекер, Штефи Граф и Михаел Штих го подгреваа германското воодушевување за тенисот, но тие немаа достојни наследници. Во последните десетина години германскиот тенис падна во сив просек од кој само одвреме-навреме ќе се постигнеше некој подобар резултат. Но главно се работеше за „инциденти“.

Перспективна генерација

Пред почетокот на годинешниот турнир на „светата англиска трева“ Германците не веруваа дека во блиска иднина повторно ќе заблеска германска ѕвезда на меѓународното тениско небо. Тоа го покажуваат и резултатите на една репрезентативна анкета на Нирнбершкиот институт плус од јуни годинава. Од неа произлезе дека само 14 проценти од испитаниците веруваат дека Германија има доволно тениски таленти кои имаат потенцијал за пласман меѓу најдобрите 10 на светот.

Но, се чини дека мнозинството не е во право, бидејќи германскиот женски тенис во Лондон покажа дека може да се носи со светскиот врв. На Вимблдон играа 8 тенисерки, меѓу нив и 7. на светската ранг листа Ангелика Кербер, која минатата година играше во полуфиналето. 18- годишната Карина Витхеф за првпат годинава се квалификуваше за Вимблдон и се предвидува дека пред неа е голема иднина, исто како и пред 21-годишната Дина Фиценмајер која на Ролан Гарос се проби до третото коло.

На селекторката на германската тениска репрезентација Барбара Ритнер на располагање и‘ стои млада и перспективна екипа. Многу од тенисерките имаат голем потенцијал. Моментално „повлече“ Сабине Лисицки. И ако му се верува на Јон Тириак, поранешниот менаџер на Борис Бекер, таа има потенцијал кој би можел да предизвика тениска еуфорија во Германија. Во интервјуто за „Билд“ тој изјави: „Лисицки може да ја разбуди Германија.“