1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германскиот претседател ја откажа посетата на Украина

Германскиот претседател Јоахим Гаук ја откажа посетата на Украина, поради односот на украинските власти кон водачот на опозицијата Јулија Тимошенко.

„Поради случајот Тимошенко, германскиот претседател Јоахим Гаук ја откажа поканата за посета на Украина. Гаук нема да учествува на средбата со другите шефови на држави на средината на мај во Јалта“, изјави портпаролот на претседателот, Андреас Шулце денеска во Берлин. За ова е информиран и украинскиот амбасадор во Берлин.

Портпарол на претседателскиот кабинет, кој со ова ја потврди претходната изјава за весникот „Зиддојче цајтунг“, нагласи дека одлуката била донесена во согласност со владата. Во меѓувреме гестот на Гаук го поздравија речиси сите политички партии во Германија.

Заднината е загриженоста во врска со лидерката на опозицијата, во меѓувреме заболената Јулија Тимошенко. Таа се смета за жртва на судска одмазда по налог на украинскиот претседател Виктор Јанукович. Во 2004. година Тимошенко ја водеше Портокаловата револуција против Јанукович.

Јулија Тимошенко, која е осудена на седум години затвор поради наводно по Украина штетен договор со Русија, во знак на протест поради лошиот третман во затворот од петокот почна штрајк со глад. Таа со сила била пренесена на лекување во болница во Киев при што добила повеќе повреди. Украинските власти досега ја одбиваат понудата Тимошенко да биде пренесена на лекување во Германија, наместо тоа побараа германски лекари да извршат преглед на Тимошенко во Киев.

Инаку, откажувањето на посети на странски држави на германски претседател не се случува често. Последен пат тогашниот претседател Кристијан Вулф го откажа планираното патување во Бахреин во февруари 2011. година не согласувајќи се со употребата на сила на владините сили за безбедност во оваа држава против демонстрантите.