1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германскиот претседател се заканувал поради аферата со кредитот?

Новата година за германскиот претседател Кристијан Вулф почнува исто толку лошо како што заврши и старата. Покрај шпекулациите околу кредитот за куќа, Вулф сега е мета на критика поради неговиот однос кон медиумите.

default

Кристијан Вулф-дали вршел притисок врз новинарите?

Дискусиите околу неговиот кредит за куќа се‘ уште ни оддалеку не се запрени, а на виделина веќе има нова бура за сојузниот претседател Кристијан Вулф. Весниците „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и „Зидојче цајтунг“ пишуваат дека Вулф се обидел лично да спречи весникот „Билд“ да ги објави првите информации за финансирањето на неговата куќа.

Според извештаите во двата весника, Вулф на 12-ти декември минатата година на главниот уредник Каи Дикман му се заканил со „дефинитивен прекин“ со издавачката куќа „Шпрингер“ во случај оваа „неверојатна“ приказна навистина да биде објавена. Тоа било еден ден пред „Билд“ да го објави првиот извештај за спорниот кредит за куќата на претседателот, кој му го доделиле пријатели, брачниот пар Гееркенс.

Egon und Edith Geerkens Kreditgeber Christian Wulff Bundespräsident

Пријателите на Вулф, Егон и Едит Гееркенс

Според информации на „Зидојче цајтунг“ Вулф од Кувајт се јавил во „Билд“, но не го добил главниот уредник затоа што тој во тоа време се наоѓал во Њујорк. Вулф барал разговор со Дикман и притоа имало и формулации како „водење војна“.

Досега издавачката куќа „Шпрингер“ не се изјасни јавно околу овој случај. „Билд“, во секој случај, не подлегнал на притисокот и ги објави информациите за кредитот на Вулф. Околу обидот на сојузниот претседател да изврши притисок врз весникот, „Билд“ во декември не напиша ништо. Според „Зидојче цајтунг“, Вулф подоцна, во друг телефонски разговор му рекол на главниот уредник Дикман дека жали за своите изјави.

Претседателот Кристијан Вулф е мета на критика поради поволниот кредит за куќа што го добил од сопругата на претприемачот Гееркенс, негов пријател. Подоцна, половината милион евра кредит од Гееркенс, Вулф го платил со тоа што зел кредит од БВ-банката, со многу ниска камата. Според магазинот „Шпигел“, банката на Вулф му дала кредит со камата од 0,9 до 2,1 процент, што е половина од каматите на кредитите за недвижнини што им се даваат на другите муштерии. „Шпигел“ напиша дека поволниот кредит на БВ-банката била „благодарност“ поради тоа што Вулф во времето кога бил премиер на покраината Долна Саксонија, заедно со Фолксваген го спасил Порше, а со тоа и‘ помогнал и на банката. Вулф и банката тоа го демантираа.

Автор: Елизабета Милошевска Фиданоска / дпа/дапд/афп

Редактор: Ж.Ацеска

DW.COM